РУСКИОТ МИГРАНТ СОЛОНЦЕВ ГИ ПРОЕКТИРАЛ НАЈУБАВИТЕ КУЌИ ВО ВЕЛЕС

    РУСКИОТ МИГРАНТ СОЛОНЦЕВ ГИ ПРОЕКТИРАЛ НАЈУБАВИТЕ КУЌИ ВО ВЕЛЕСКуќата на Шукареви од 1933 во центарот на Велес е дело на рускиот архитект Николај Солонцев (Фото: СДК.МК)

    Во центарот на Велес, на неколку десетини метри оддалеченост са наоѓаат едни од најубавите куќи, примероци на старата велешки архитектура. Улицата го менувала името, од Крал Петар, Маршал Тито, до денешна 8 Септември, но куќите на Шукареви и Ѓоргови и денес го пленат минувачот, го свртуваат вниманието на гостите. Тие трите куќи се дело, се  градени по нацрт на Николај Солонцев.

    Архитект Станка Амбаркова, која ја има изучувано велешката архитектура, вели дека Солонцев во Велес проектирал 7 куќи.

    Куќата на Весови сликана одзади (Фото: СДК.МК)

    „Авторот Солонцев бил руски мигрант, кој во граѓанската војна во Русија на почетокот од 1920-те години доаѓа во Велес. Според моите истражувањата, тој во Велес изградил седум куќи. Тоа се на Шукареви, и двете на Ѓоргови, исто така познато велешко трговско семејство. Тие се на 50-тина метри  оддалеченост. Трите  се во  жолта боја, со украсни елементи од фабриката на Лефкови. И четвртата куќа е во близина, кај Градскиот саат,  денес е верски објект,  таа има и најмногу промени на фасадата но е дело на Солонцев“, вели Амбаркова.

    Во центарот на Велес, веднаш до поранешното  кино, лево и десно од него се овие прекрасни куќи, со одлично сочувана архитектура. Куќата на Весови, попозната како куќата на Шукара, е лево од зградата на киното. Посебно е впечатлива фасадата, елементите кои се нанесени на неа ја прават единствена. Нејзин сопственик денес е адвокатот Андреја Весов, најмладиот член од познатото велешко адвокатско семејство Весови.

    Куќата на Ѓоргови (Фото: СДК.МК)

    „Куќата била порачана од нејзиниот сопственик Александар Ацо Шукар, познат велешки трговец кој се бавел со текстил. Планот за куќата е нацртан 1929, а градена е до 1933. Дрвенаријата била обработена три години пред да се постави. Толку време требало да се исуши и потоа да се монтира.  Куќата ја  купува мојот дедо Андреја 1961, а другиот  кат подоцна некоја година, неговиот брат. Мојот дедо бил судија и адвокат. Куќата сите овие години однадвор остана иста“, вели Андреја Весов, помладиот.

    Значајно е што на приземје во куќата  се наоѓа уште од првиот ден  кога  е пуштена за користење дуќанот на Зографски, најстариот трговски објект кој уште е во функција во Велес. И тогаш и денес,  ја има  истата намена и исти сопственици, дуќанот е саатчиски и е на семејствоот Зографски.

    Куќата на Ѓоргови, која е во внатрешноста од главната улица, скоро 30 години до пред 15-на години беше ноќевалиште.

    П. ПЕЧКОВ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира