СЕ НАТАЖИВМЕ КОГА ВИДОВМЕ ЕДНИ ДЕЦА ЈАДАТ ЧИПС, А ДРУГИ НИШТО, ВЕЛИ ШВЕДСКАТА ДВОЈКА ШТО ДОНИРА ВО БИТОЛА

    СЕ НАТАЖИВМЕ КОГА ВИДОВМЕ ЕДНИ ДЕЦА ЈАДАТ ЧИПС, А ДРУГИ НИШТО, ВЕЛИ ШВЕДСКАТА ДВОЈКА ШТО ДОНИРА ВО БИТОЛАТомас и Марија Росенгрен од Стокхолм, Шведска, преку нивната хуманитарна организација „Од рака за рака“ досега вложија во битолското образование над 140.000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи (Фото: СДК.МК)

    Ги водела мислата на јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела дека моќта е во учењето кое може да го промени животот, дека најсиромашен може да стане доктор ако се школува или од земјоделец претседател на држава. Брачниот пар Марија и Томас Росенгрен од Стокхолм, Шведска, преку нивната хуманитарна организација „Од рака за рака“ досега вложија во битолското образование над 140.000 евра, а во болниците низ земјава нивните донации се со десеткратно поголеми износи.

    Тоа се хуманитарците по чија иницијатива Кралскиот институт за технологии од Шведска изработи проект за еколошко греење и ладење на Битолската болница. На ваков чекор се одлучија откако дознаа за проблемите со загадениот воздух со кој се соочува Битола подолго време.

    350 деца од прво до петто одделение при основното училиште „Ѓорги Сугарев“ од Битола пред три години секој училишен ден беа сити благодарение на Марија и Томас. Преку нивна донација секој ден им се обезбедуваше ладен оброк на учениците, од кои дел се од социјално загрозени семејства. Благодарение на нив, лани истото училиште доби сензорна соба по европски стандарди каде 40 ученици со посебни потреби добиваат индивидуален третман. Само донацијата за сензорната соба изнесуваше над 30.000 евра и беше во соработка со германска фондација.

    Хуманитарката Марија по потекло е битолчанка која пред 43 година се преселила во Шведска и таму се омажила за Швеѓанец со кого заедно започнале хумана мисија во Македонија.

    „Подолго време бевме на шетање низ светот. Увидовме дека не само Африка, туку и Европа има проблеми. Прво размислувавме да покренеме еколошки проект за класификација на отпадот во училиштата. Отидовме во Основното училиште ‘Ѓорги Сугарев’. Додека ни ги покажуваа просторните услови јас ги гледав децата во дворот. Некои јадеа чипс, а други ништо. Многу се натажив и предложив да им помогнеме нив“, раскажува Томас Росенгрен.

    Марија вели дека ги водела мислата на јужноафриканскиот претседател Нелсон Мандела дека со учењето може да им се подобри животот на учениците, да им се дадат можности да напредуваат како другите, па и оние кои потекнуваат од сиромашни средини да станат успешни луѓе.

    „Годишно делевме по 121.000 ладни оброци за учениците. Нашите амбиции се да им се помогне на децата. Ако едно дете е нахрането тоа може да учи и да се развива. Прво донациите ги спроведувавме со наши пари, а сега донираат шведски организации како и наши иселеници во странство. Посебно ни помогнале семејствата Васко и Виолета Блажевски, Томе и Андријана Најдовски“, вели Марија Росенгрен.

    Инаку, сопругот Томас многу добро зборува македонски јазик, а го научил од сопругата и нејзината мајка Весела која на повозрасни години отишла во Шведска и не го знаела тамошниот јазик, па за да се разберат морале да ѝ зборуваат македонски.

    Марија Росенгрен во Шведска се отселила кога имала 20 години. Таму завршила Факултет за менаџмент и други едукативни програми за директор. Станала успешен менаџер, но и имплементатор на ИСО стандардите во цела Скандинавија.

    Ж. ЗДРАВКОВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари