СЕ ВОДЕВ ОД ИДЕЈАТА ДА НАПРАВИМЕ СПОЈ МЕЃУ ШКОЛО И ПАРК, ВЕЛИ БЕСИАН МЕХМЕТИ, АРХИТЕКТОТ НА УЧИЛИШТЕТО „КИРО ГЛИГОРОВ“

    СЕ ВОДЕВ ОД ИДЕЈАТА ДА НАПРАВИМЕ СПОЈ МЕЃУ ШКОЛО И ПАРК, ВЕЛИ БЕСИАН МЕХМЕТИ, АРХИТЕКТОТ НА УЧИЛИШТЕТО „КИРО ГЛИГОРОВ“„Архитектонската сцена беше мизерна со проектот ‘Скопје 2014‘. Отворениот и јавен конкурс на Општина Центар, со слободата и поттикот на современо изразување, беше надеж не само за нас, туку и за други архитекти со кои комунициравме и се дружевме“- архитектот Бесиан Мехмети (Фото: СДК.МК)

    Новото училиште „Киро Глигоров“ во скопската населба Капиштец, кое со својот модерен изглед е освежување од барокниот изглед во кој минатите деценија се градеше главниот град, е дело на 35-годишниот архитект Бесиан Мехмети. Заедно со неговиот тим од студиото „БМА“, Мехмети во 2013 година конкурираше на конкурсот на Општина Центар за избор на идејно решение на новото општинско училиште. Токму тоа што на конкурстот се барало современо изразување било причина да учествува на него.

    „Архитектонската сцена во тој период беше мизерна со проектот ‘Скопје 2014‘ во кулминација. Отворениот и јавен конкурс на Општина Центар, со слободата и поттикот на современо изразување, беше надеж не само за нас, туку и за други архитекти со кои комунициравме и се дружевме. Големиот интерес на испратени решенија го аргументира тоа. Впрочем, таа слобода и транспарентност, мислам дека се одрази и на нашата визија за училиштето“, вели во разговор за САКАМДАКАЖАМ.МК Бесиан Мехмети.

    „Сакавме преку стаклената фасада надворешните и внатрешните содржини да се вклопат една во друга. Така се овозможува природата да стане дел од внатрешноста и со тоа учениците ќе имаат постојан поглед на бујното зеленило“, вели Мехмети. (Фото: К.Попов)

    Од пријавени 20 идејни решенија, како најдобро комисијата на Општина Центар, кога градоначалник беше Андреј Жерновски, го избра проектот на Мехмети и неговото „БМА“ студио.

    „Искрено, кога ќе се навратам на моментите кога го конципиравме проектот, и покрај тоа што бевме млади, верувавме во нашата идеја уште од првите скици. Со изградбата на училиштето, имам чувство дека возвративме на укажаната доверба на Комисијата и на челниците на Општината што го истераа проектот до реализација“, раскажува Мехмети.

    При изработката на проектот се воделе од идејата за анимирање на зеленило на парцелата. Создавањето на симбиоза помеѓу училиште и парк била целта која ги водела низ работата.

    „Во концептуална смисла, габаритот на објектот е подреден на три основни тракти или ленти, од кои средишниот е за заеднички активности, додека страничните ленти се за учење. Со поместување и отварање на трактовите, се отвараат визури, се дефинира влезот, се вметнува природата внатре во објектот и се создаваат нови простори за учење и игра. Сакавме преку стаклената фасада надворешните и внатрешните содржини да се вклопат една во друга. Така се овозможува природата да стане дел од внатрешноста и со тоа учениците ќе имаат постојан поглед на бујното зеленило при престој или движење низ училиштето. Сакавме да добиеме место кое ќе ги инспирира идните генерации“, вели Мехмети, кој е дипломиран архитект на Архитектонскиот факултет во Скопје.

    Мехмети вели дека кога го конципирале училиштето сакале на идните генерации да им овозможат да учат во објект со кој ќе се гордеат.

    „Единствена цел ни беше отварање на нови перспективни за најмалите. Се разбира дека претходно проучивме и анализиравме светски, но и локални примери. Јас учев во основно училиште Лирија во Тетово, изградено после Втората светска војна, со многу адаптации и преправења, дијаметрално спротивно од тоа што сме понудиле во нашиот проект. Преку овој проект и со самиот проектантски пристап сакавме да дадеме еден придонес кон подигнување и унапредување на воспитно образовниот процес, создавање на идни генерации, во рамки кои ги овозможува нашиот домен – архитектурата“, додава Мехмети.

    Дел од објектите кои се градени според идејно решение на 35-годишниот Мехмети.(Фото: BMA студио)

    35-годишниот Мехмети досега работел и на голем број други проекти, како што е Плоштадот Скендер бег во Скопје, Театарот и библиотеката во Тетово, Културниот Центар во Автокоманда, и бројни резиденцијални и комерцијални објекти во и надвор од земјата.

    Мехмети смета дека и во иднина низ земјава треба да се распишат јавни конкурси и да се градат современи објекти, а тој како и неговата генерација архитекти може да придонесат Скопје да добие современи и инспиративни градби.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари