Семејстството Дијкстра од Холандија две години води успешен бизнис во Охрид. Познати се по автентичните холандски колачиња и печива. Велат дека нивните производи се омилени оти се направени со многу љубов, страст и грижа.
Марк и Гони и нивните три деца на возраст од 14, 11 и 2 години, пред две години се преселиле во Македонија, во охридското село Рамне. Воодушевени од прекрасниот поглед од нивниот дом, велат дека го пронашле рајот на земјата.
„Во Холандија, имавме сè, своја куќа и сопствена пекара. Сепак, животот во Холандија стануваше сè попредизвикувачки, многу напорна работа. Одморот беше единствениот момент кога можевме вистински да уживаме да бидеме со нашите деца и едни со други. Дури и тогаш моравме да излеземе од дома за целосно да се исклучиме од работата. Сфативме колку брзо минува животот. Оттогаш, нашето животно мото е: ‘Не чекајте да уживате во животот подоцна, бидејќи ако подоцна дојде порано, ќе доцните!’, вели Марк Дијкстра.
Пред да се преселат во Македонија, тие размислувале и за други земји, но одлуката да се преселат во Македонија била токму поради љубезноста на луѓето, климата и природата.
„Посетувавме многу земји и секогаш велевме дека нема да одиме во иста земја двапати. Сепак, по нашиот прв одмор во Македонија во 2015, решивме да се вратиме следната година. Македонија е неверојатно убава, луѓето се неверојатно љубезни и гостопримливи, климата е совршена, езерото е прекрасно. Накратко, сѐ беше совршено. По вториот одмор во Македонија, решивме да дојдеме уште два пати. Се претвори во трет, четврти, итн. Постојано се враќавме во истиот хотел, кој ни стана како втор дом. Решивме да бараме викендица, но поради ситуацијата во Холандија, таа брзо се претвори во постојана резиденција. Размислувавме за оваа одлука внимателно, особено затоа што се движевме со деца, сè требаше да биде добро испланирано заради нив“, кажува Марк.
По продажбата на куќата и пекарата во Холандија се преселиле во планинското село Рамне, на десетина минути од Охрид, во куќа со поглед на градот и на езерото.
„Со нас се пресели и нашата пекара“, вели Марк. Првите колачи направени на холандски начин предизвикале воодушевување кај пријателите кои никогаш не вкусиле нешто слично.
„Така решивме да воведеме холандски колачи во Македонија. Делумно печеме по нарачка, но нашите производи главно се продаваат во стариот дел на градот. Свесно ги правиме холандските производи максимално користејќи локални состојки за да ги почитуваме македонските традиции на пециво. Секој пекар треба да го задржи својот уникатен специјалитет. Во моментов сме специјализирани за правење вафли, пита од јаболка, и кифлички од колбаси. Туристите од целиот свет сакаат вафли, но нашите македонски клиенти особено сакаат болус, слично на виткани пити со цимет Неверојатно е да се види како луѓето уживаат во нашите производи и чест е кога ќе се вратат за повеќе“, вели Дијкстра.
Да се води успешен бизнис во Македонија потребно е да се понуди уникатен и квалитетен производ, но и да се поминат успешно бирократските предизвици, додава тој.
„Требаше многу да се организираме за нашата емиграција, за куќата, за пекарата и за школувањето. И покрај тоа што ги имаме вистинските луѓе околу нас да ни помогнат, сепак се соочивме со бирократски предизвици. Токму кога мислите дека сѐ е подредено, недостасува друг документ. Сега, речиси две години подоцна, повеќето работи се во ред, освен фрустрирачки, владината документација за школување сè уште не е финализирана. Сепак, децата одат во приватно училиште во Струга“, вели Марк.
Марк најави дека работи на усовршување на шлагот. Размислува и за нов бизнис во туристичкиот сектор.
„Наш сон е да изградиме неколку станови или шатори за изнајмување, за туристи. Имаме многу планови и соништа, но нашите деца остануваат наш главен приоритет. Сакаме целосно да уживаме во секој момент со нив бидејќи растат многу брзо“, вели Марк.
С. ВРЕНЦОВСКА