Уникатните креации на охриѓанецот Кадри Селман го прават градот вистинска бајка. Фигурите направени со многу љубов и посветеност привлекуваат бројни гости кои со воодушевување се фотографираат за спомен. Кадри секојдневно го обликува зелениот појас на градскиот плоштад и кејот.
Вели дека за да една фигура го добие посакуваниот лик потребни се и по неколку месеци.
„Ако е грмушката бујна, формата ја давам за десетина минути, а потоа секој ден ги поткаструвам за да може да се полнат отворите. Некаде за два-три месеци се добива убава форма, како што е мечето и другите садници. Најмалку време ми беше потребно за пеперутките. Проблем е што има и такви кои ги уништуваат, посебно деца кои при игра од незнаење ја расипуваат формата но тоа се поправа“, вели 62-годишниот Селман.
Тој е скромен човек, кој создава уметност низ градот повеќе од 20 години. Од грмушките и тревниците прави фигури со различни форми, најчесто животни, па градот наликува на мала зоолошка градина. Тој е самоук уметник, но со огромна желба да создава нови форми во охридското градско зеленило. По професија е текстилен и електро-машински техничар, свири и виолина, но вели дека најсреќен е кога прави нешто по кое сите ќе го препознаваат.
„Господ ми дал дарба, ова да го работам за Охрид, оти го сакам градот“, вели тој.
Првите фигури од зеленилото на самиот кеј од Охридското Езеро како вработен во Јавното претпријатие „Охридски комуналец“ ги правел скришно, оти мислел дека ако го кастри многу зеленилото тоа може да се исуши. Но, со текот на времето создавајќи разни облици ја стекнал довербата кај неговите претпоставени, па денес Селман е најценетиот и повеќепати наградуван работник.
„На самите почетоци, пред некаде 20 години, Општината со проект за уредување на зеленилото имаше засадено грмушки без да знаат дека има некој кој од нив ќе направи некоја форма. Прво работев скришно со страв и кога ги видоа првите фигури бев пофален. Се сеќавам дека првата форма која ја направив беше лебед на самиот плоштад“, вели Селман кој често низ годините сам си го купувал и алатот со кој работи.
Денес е задоволен што раководството на ЈП „Охридски Комуналец“ му дава целосна поддршка. Најголемо задоволство му прави кога ќе види дека луѓето се фотографираат покрај неговите фигури.
„Од ова нема пари, има само убавина, но сум среќен оти секојдневно го разубавувам градот и ги развеселувам луѓето кои ме препознаваат и ме поздравуваат. Ми велат: ‘Браво Кадри’ и на англиски, но јас многу не ги разбирам оти не знам јазици, но гледам дека се воодушевени“, вели Селман.
За неговите зелени скулптури користи слики од Интернет, но и предмети кои му останале во сеќавање, по што зелените грмушки стануваат интересни форми во кои има многу умешност, трпение и љубов. До пензија има помалку од две години, но вели дека ќе работи сѐ додека го служи здравјето.
Досега изработил повеќе од 200 фигури на различи локации низ Охрид.
За неговата посветеност и професионалност во работата Селман и оваа година доби пофалница за патрониот празник на ЈП „Охридски комуналец“.
С. ВРЕНЦОВСКА