Стотина стари автомобили пристигнаа во Делчево како дел од петтата изложба на олдтајмери што се организира во овој град. Имаше стари возила од повеќе градови од државата и од разни марки. Најбројни беа автомобилите од 1960-ите и 1970-ите, кои сѐ уште се во возна состојба.
„Мојот ‘трабант‘ го возел дедо ми, па татко ми и сега е мој. За неколку години имам поминато околу 200.000 километри“, вели Стојанче Ангеловски од Делчево.
Неговиот сограѓанин Горан Стаменковски вели дека неговиот половина век стар ‘БМВ‘ го купил за неговиот син и по враќањето од студии во странство му ги врачил клучевите.
„Многумина за овој уникатен модел ми нудеа десетици илјади евра, ама на сите им реков дека не го продавам и нема таа пара што може да го купи. Го подарив на синот Петар, кој исто така не сака да чуе за продажба“, вели Стаменковски.
На плоштадот во Делчево посебно интересен беше плацот со десетина стари ‘буби‘, меѓу кои и на новинарот Валериј Спасевски, кој не сака да чуе за продажба, оти му е наследство и е непроценлива.
„Планиравме околу 70 возила, но како што одминуваше денот, пристигнаа стотина стари автомобили од повеќе градови во Македонија. Жалам што поради пандемијата учеството го откажаа уште толку сопственци на стари автомобили од соседните земји. Имавме најава од сите балкански земји, но заедничката средба ја оставаме за наредната смотра на олдтајмери“, кажа Лоренцо Трајановски, претседателот на здружението „Kings of the roads“, кое го организираше настанот.
Т. ЈОВАНОВСКИ