ТОА НИ Е РАБОТА – ПРВИОТ ЖЕНСКИ ТИМ ИМАШЕ УСПЕШНА МИСИЈА НАДВОР ВО ВСЕЛЕНАТА

    ТОА НИ Е РАБОТА – ПРВИОТ ЖЕНСКИ ТИМ ИМАШЕ УСПЕШНА МИСИЈА НАДВОР ВО ВСЕЛЕНАТАКох и Меир имаа задача да заменат расипан уред за полнење соларни батерии (Фото: АП)

    Кристина Кох и Џесика Меир денеска испишаа историја како прв женски тим кој направил прошетка во вселената.

    Опремени со клучеви, шрафцигери и алатки за напојување, тие имаа задача да заменат расипан уред за полнење соларни батерии, што се наоѓа на левиот крај на Меѓународната вселенска станица. Кох и Меир, кои работеа 416 километри над Земјата, излегоа од станицата во 13.38 часот по македонско време и надвор останаа околу шест часа.

    Меѓу многуте кои им честитаа беше и претседателот Доналд Трамп.

    „Ова е историски настан, навистина историски. Она што вие го правите е неверојатно, вие сте многу храбри луѓе“, изјави Трамп.

    Меир и Кох останаа надвор околу шест часа (Фото: Ројтерс)

    Меир кажа дека тие само ја вршеле својата работа.

    „Не сакаме да земаме преголеми заслуги, затоа што пред нас имаше многу други, вклучувајќи и жени. Ова е само првпат надвор да се две жени истовремено. Ова е наша работа“, изјави Меир.

    За разлика од Меир, на која ѝ беше првпат, Кох претходно трипати била во вселенска прошетка. Кох, која е електроинженер, живее на Меѓународната вселенска станица од март и горе ќе остане до февруари, додека Меир, која има докторат по поморска биологија, ѝ се придружи минатиот месец. Меир е вкупно 228. личност која била во вселенска прошетка и само 15. жена и ова доаѓа 35 години откако Светлана Савицкаја стана прва астронаутка која излегла надвор.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира