УБАВИНАТА Е ВО ЕДНОСТАВНОСТА – ЗОРАН КАРДУЛА ЈА ДИЗАЈНИРАШЕ СПЕЦИЈАЛНАТА ЕДИЦИЈА КНИГИ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ НА „ТРИ“

    УБАВИНАТА Е ВО ЕДНОСТАВНОСТА – ЗОРАН КАРДУЛА ЈА ДИЗАЈНИРАШЕ СПЕЦИЈАЛНАТА ЕДИЦИЈА КНИГИ ЗА ЈУБИЛЕЈОТ НА „ТРИ“„Дизајнот со години беше занемарен. Верувам дека овој нов тренд со ангажирање на дизајнери е нешто што ќе донесе поинаков пристап и нова читателска публика“, вели Зоран Кардула/ Дел од насловите на специјалната едиција

    Еден од најистакнатите македонски графички дизајнери, Зоран Кардула го изработи оригиналниот дизајн на кориците за специјалната едиција од 20 наслови на издавачкиот центар „Три“. Издавачот слави 20 години постоење, а едицијата содржи дела кои во изминатите 20 години оставиле најсилен печат во нивната работа и воопшто на македонската книжевна сцена.

    Веќе се промовирани првите десет наслови од специјалната едиција: „Последниот чај“ од Винка Саздова, „Пиреј“ од Петре М. Андреевски, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски, „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров, „Манастир Фуентерабија“ од Јагода Михајловска-Георгиева, „40 правила на љубовта“ од Елиф Шафак, „Мајсторот и Маргарита“ од Михаил Булгаков, „Сапиенс“ од Јувал Ноа Харари, „Лидер без титула“ од Робин Шарма и „Платформа“ од Мишел Уелбек.

    Кардула е еден од најангажиранте дизајнери во земјава, а меѓу последните проекти му е постерот за Скопскиот џез фестивал

    „Со оглед на времето во кое живееме, одбележување на 20 години постоење претставува голем успех. Неколку месеци експериментирав во која насока да ја претставам оваа јубилејна едиција, а сепак да биде препознатлива и да ја отсликува ‘Три’ како место каде што се создаваат приказните. На крај се одлучивме заедно со тимот од ‘Три’ за еден модерен пристап во дизајнот, мошне колоритен, со едноставни илустрации, која секоја за себе открива дел од книгата. Сакав со едноставноста во дизајнот, кој се надополнува со колоритот, да добијам корици кои ќе зрачат со убавина и позитивна енергија, кои нема да остават никого рамнодушен и ќе го привлечат читателот“, ни рече Кардула.

    Тој и претходно соработувал со „Три“, на книгата „Земјата што ја газиме“ на Хесус Караско, како дел од проектот „Европски приказни“. Сметам дека ангажирањето дизајнери за илустрирање на кориците е многу важно и ѝ дава дополнителна тежина на самата книга кога зад неа стои дизајн специјално направен за таа книга.

    „Со динамиката на живот и технологијата мора да се најде начин како книгата повторно да стане популарна кај младата популација и сметам дека ова е еден од начините за нејзино привлекување. Дизајнот со години беше занемарен. Верувам дека овој нов тренд со ангажирање на дизајнери е нешто што ќе донесе поинаков пристап и нова читателска публика“, додава тој.

    Првите десет наслови од специјалната едиција за 20 години „Три“

    Во изминатите две децении „Три“ објави повеќе од 1.000 наслови, во над 1 милион примероци. Оттаму велат дека апсолутни рекордери во продажбата се „Последниот чај“ од Винка Саздова (14 изданија), „Се гледаме на врвот“ од Коста Петров (14 изданија), „Калуѓерот што го продаде своето ферари“ од Робин Шарма, „Папокот на светот“ од Венко Андоновски (добитник на престижната регионална книжевна награда „Балканика“). Со логото на „Три“ се објавени значајните дела „Македонија е сè што имаме“ од Киро Глигоров, како и „Тунел“, последниот роман од Петре М. Андреевски.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари