Од едни автобуси се вадат делови за да се стават на други на двокатните кинески автобуси и нископодните украински, кои ги набави Владата на експремиерот Никола Груевски пред 6 години.
Секој ден се расипуваат по неколку автобуси, а ЈСП„Скопје“ нема на лагер резервни делови. Додека се распише тендер да се набавaт нови, потребно е најмалку еден месец, па за да има доволно автобуси на улиците се вадат делови од други.
Во ваква состојба го наследи ЈСП„Скопје“ новиот директор Кристијан Чушков, кого во петокот градоначалникот Петре Шилегов го назначи на оваа функција на местото на Игор Јанушев.
Панорамските двокатни атвобуси не се пуштаат во сообраќај. Тие се размонтирани и се користат да се поправат други автобуси. Од нив се извадени речиси сите делови и тргнати се настрана во гаражата на ЈСП„Скопје“ во Автокоманда. Извадени се мотори, менувачи, прозорци, шофершајбни, делови од командната табла, кочници, па дури и електрика и столчиња. За повторно да се вратат во функција панорамските автобуси, потребно е да се набават сите извадени и заменети делови.
„За волку скапи возила, квалитетот им е многу слаб. Секој ден ни се расипуваат по неколку автобуси, се одлепуваат стакла на украинските, а нашите мајстори мака мачат да најдат што е проблемот. Кај нас во базата во Автокоманда имаме 7 панорамски автобуси од кои 5 целосно не е се во функција, извадивме сè да оспособиме двокатни автобуси. Мораме да ги пуштаме старите автобуси оти немаме доволно исправни кинески и украински“, велат вработените во базата во Автокоманда.
Од вкупно 200 автобуси, 148 секое утро излегуваат на улиците. Во базата остануваат 52 автобуси како замена ако некој се расипе во текот на денот, од кои 40 се веќе расипани и се чекаат да се поправат.
„Не можеме да имаме резервни делови на легер оти се скапи. Луѓето се чудат зошто ги пуштаме во сообраќај старите автобуси, но мораме оти двокатните се расипани. Старите помалку се расипуваат од новите. Поправката оди тешко бидејќи немаме софтвер за да го откриеме дефектот“, раскажуваат вработените во сервисот на ЈСП„Скопје“.
Во 2011 година беа купени 202 кинески двокатни и 80 украинските нископодни автобуси кои чинеа 57 милиони евра. Беа набавени во времето на премирот Никола Груевски преку Министерството за транспорт и врски кога министер беше Миле Јанакиевски. Груевски тогаш ги рекламираше како подарок за граѓаните на Скопје од Владата. Првите двокатни автобуси од кинеската Компанија „Јутонг“ стигнаа во Скопје во 2011 година, втората тура во 2012 година а набавката беше комплетирана во 2013 година.
А. АНТЕВСКА