ЗА ДА НЕ СЕ ВОЗНЕМИРУВААТ КРАВИТЕ АВСТРИЈА ОБЈАВИ ВОДИЧ ЗА ДВИЖЕЊЕ НИЗ АЛПИТЕ

    ЗА ДА НЕ СЕ ВОЗНЕМИРУВААТ КРАВИТЕ АВСТРИЈА ОБЈАВИ ВОДИЧ ЗА ДВИЖЕЊЕ НИЗ АЛПИТЕКравите генерално не се опасни животни, но и не треба да се галат и хранат, вели австриското министерство за туризам

    Австрија се гордее со своите зелени алпски пасишта, каде туристите слободно можат да се шетаат додека кравите пасат трева. Но, по инцидентот кога еден турист беше убиен од стадо добиток, австриската влада издаде упатства за посетителите кои не ги познаваат добро животните.

    „Кравите генерално не се опасни животни, но оние кои пасат по планините не се животни од зоолошка градина кои можете да ги галите и храните“, вели австриската министерка за туризам, Елизабет Кестингер, која пораснала на фарма.

    Според Австрискиот совет за безбедност на Алпите, во изминатата деценија имало 54 инциденти со две човечки жртви. Според упатствата, планинарите не треба да ги хранат, прават врева и да ги вознемируваат животните. Ако крава го попречи патот, таа треба да се заобиколи.

    „Бидете свесни дека мајките крави си ги заштитуваат телињата, особено од кучиња. Повеќето од инцидентите се случиле помеѓу планинари со кучиња и крави. Кучињата треба да се водат со тенок каиш, но доколку кравата почне да се однесува агресивно, кучето мора да се ослободи. Тогаш кравата ќе тргне по кучето, не по човекот“, вели Андреас Ермакора, шеф на Австрискиот алспки клуб.

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари