Бројни неокласични столбови, огледала, луксузни мермерни подови и дрвен паркет декориран како интарзија, гримизно црвени теписи, масивни кристални лустери, класичен мебел во кожа и длаборез се главните елементи на новиот ентериер на Владата на Република Македонија, за што претходната влада на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Никола Груевски потроши 5,2 милиони евра.
Владината зграда е изградена во 1970 и беше еден од најдобрите примери на македонската модерна архитектура. Со реновирањето, модерната и во ентериерот е заменета со лажен неокласичен микс на Версај и Кремљ што го одобри Груевски и во кој тој работеше со својот тим до оставката на 15 јануари, 2016.
Денеска, внатрешноста на Владата за првпат беше отворена за јавноста по тригодишното реновирање. Не е познато каде отиде стариот мебел кој беше во стилот на модерната од 1970-те.
Внатрешното реновирање беше дел од промената на фасадата на владината зграда, како дел од проектот „Скопје 2014“ што чинеше 16 милиони евра, а за оградата од ковано железо се потрошени 700.000 евра. Промената на надворешниот изглед на Владата почна во 2011, без согласност за изведба на проектот од оригиналниот автор на објектот Петар Муличковски.
Севкупно, според податоците на Бирото за јавни набавки, за промената на фасадата, ентериерот и оградата владата на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Груевски потрошила 21,9 милиони евра.
Половина час пред почетокот на денешната прва седница на новата Влада на чело со Зоран Заев, новинарите добија можност да го разгледаат ентериерот на зградата. Отворени беа и трите главни влеза од оградата на владината зграда, за која Заев најави дека ќе се бара законско решение и мислења од архитектите и од инженерите, како таа да биде отстранета или преправена, најверојатно во клупи и стреи.
Новинарите ја посетија свечената реновирана сала за прием на делегации и за билатерални средби, кабинетот на министерот без ресор Едмонд Адеми, како и кабинетот на премиерот.
Една од највпечатливите простории е во делот на кабинетот на премиерот, голема просторија со бели неокласични столбови, бел мермерен под и стаклен таван од непробојно стакло.
Покрај неокласичните столбови кои се главен елемент на ентериерот, забележливо е и спуштањето на таваните во сите простории со гипсана декорација, како и изведбата на своден таван како на купола во свечената сала. Овој детаљ е необичен оти според оригиналниот проект просториите во објектот е четвртасти, а архитектите сметаат дека е изведен на сметка на голема загуба на простор, за да се симулира грандиозност.
Последен пат јавноста можеше да влезе во владината зграда во 2014, кога владата на Груевски ја организираше манифестацијата Црвен тепих за граѓаните.
Во новиот ентериер на владината зграда, има и 7 портрети на сите досегашни премиери во независна Македонија насликани во техниката масло на платно. Портретите на Никола Кљусев, Бранко Црвенковски, Љубчо Георгиевски, Хари Костов, Владо Бучковски, Никола Груевски и Емил Димитриев се поставени на ѕидот пред влезот кој води во кабинетот на премиерот.
Шест од портретите се вертикални и се со иста големина, а видно поголем од другите и единствен хоризонтален е оној на Груевски, на кој е насликано и македонско знаме.