Во зграда од 1795 на Лонг Ајленд во САД која било предвидено да ја срамнат булдожери, „Мекдоналдс“ отвори ресторан кој се смета за најоригинален објект на светскиот синџир за брза храна. Кога ја купила руинираната зграда во 1986, компанијата планирала да ја урне до темел и на местото да изгради уште еден од нејзините типични ресторани. Ја купила за милион долари и немала намера да ја зачува оригиналната структура.
Но, локалното население се изборило за да се заштити една од најстарите згради во областа и во 1988 таа е ставена под заштита како објект од историско значење. По отпорот на жителите, „Мекдоналдс“ се согласи целосно да ја реставрира и да ги почитува нивните услови за заштита на околината од мириси и бучава.
Потоа почнаа градежните работи за реставрација, а ресторанот е дизајниран да се вклопи во оригиналните карактеристики на внатрешноста. Однадвор сè уште стојат оригиналните ќепенци на прозорците, големиот балкон и главниот влез, а сите се реставрирани според фотографија од зградата од 1920, која стои на ѕидот внатре покрај касите.
Фирмата на „Мекдоналдс“ е испишана со дискретна црна боја, а од многу агли е тешко да се препознае дека станува збор за ресторан за брза храна. Внатре е задржано двојното скалило и високите таваници со дрвена потпора.
Историчарите велат дека зградата на самиот почеток во 1795 била фарма на Џозеф Дентон, еден од основачите на градот Хемпстед. Подоцна тука имало различни ресторани пред да ја купи „Мекдоналдс“ и по реставрацијата во 1991 да го отвори ресторанот кој стана архитектонска атракција.