ЖОЛТА БОЈА ЗНАЧЕШЕ ДЕКА ВО КУЌАТА ИМА СТАРА МОМА, А БЕЛАТА – БЕЛА ЧУМА, ВЕЛЕШАНИ ГИ БОЈАДИСУВААТ КУЌИТЕ ВО РАЗНИ БОИ ЗА ДА ГО РАЗБИЈАТ СИВИЛОТО НА ГРАДОТ

    ЖОЛТА БОЈА ЗНАЧЕШЕ ДЕКА ВО КУЌАТА ИМА СТАРА МОМА, А БЕЛАТА – БЕЛА ЧУМА, ВЕЛЕШАНИ ГИ БОЈАДИСУВААТ КУЌИТЕ ВО РАЗНИ БОИ ЗА ДА ГО РАЗБИЈАТ СИВИЛОТО НА ГРАДОТДосегашната сиво-бела боја ја нема, присутни се боите на виножитото, па затоа и кај велешани реакцијата дека градот добива шаренолик изглед, како велигденските јајца (Фото: СДК.МК)

    Велес добива нов лик, бидејќи наместо во стандардната сиво-бела боја, фасадите од домовите се со нови живописни бои. Куќите сѐ повеќе и почесто добиваат нови топло-ладни бои, црвена, сина, жолта, зелена, алова, вишнова, розова. Досегашната сиво-бела боја ја нема, присутни се боите на виножитото, па затоа и кај велешани реакцијата дека градот добива шаренолик изглед, како велигденските јајца.

    Стручњаците велат дека новината што ги зафати велешани во бојадисувањето на нивните домови е всушност стара стотина и повеќе години.

    „Велешаните уште во 19. век, пред секој Велигден во различни бои ги бојадисувале куќите. Тогаш секоја боја имало значење и носела скриена порака“, вели архитектката Станка Амбаркова, која со години ја проучува старата велешка архитектура. (Фото: СДК.МК)

    „Оваа новина која се практикува последно време, не е ништо лоша ниту страшно. Таа е добра пракса која го разбива сивилото на градот. Треба ли да потсетам дека нашите стари, кога Велес бил град на трговци и еснафи, уште во 19. век, пред секој Велигден во различни бои ги бојадисувале куќите. Тогаш, секоја боја имало значење и носела скриена порака. Кај мене е дилемата каква порака ни испраќаат сегашните сопственици со боите што ги употребуваат“, вели архитектката Станка Амбаркова, која со години ја проучува старата велешка архитектура.

    Таа како илустрација ги нуди и зборовите од староградската песна „Во Влашкото маало“ каде сите куќи биле во жолто фарбани. Постарите велешани ги помнат времињата кога нивните сограѓани секоја пролет ги освежувале домовите со нови бои. Велешанката Невена Георгиева се сеќава на тоа време и ги разоткрива тајните пораки со значењето на боите со кои биле бојадисувани домовите.

    „Секоја боја имаше свое значење. Ако во куќата имаше машко за женење, фасадата беше во сина или зелена, а ако имаше женско за мажење се бојадисуваше во женски топли бои, црвена, розова. Жолтата е знак дека во домот имало стара мома, како што е во опеано во „Влашкото маало“ – жолти куќи високи и ќерки на газдите што требало да се мажат. Белата пак означувала дека домаќините ќе одат на гурбет или ќе одат ајдути во шума. Бела боја – бела чума. Секогаш се фарбаа пред Велигден, тогаш мораа да бидат дотерани за големиот празник“, вели 85-годишната Георгиева.

    Истражувањата покажуваат дека околината, а особено боите, многу влијаат на човековото расположение (Фото: СДК.МК)

    Таа вели дека пред секоја куќа тогаш се поставувал камен кој се варосувал и на него домаќинките приквечер седеле и муабетеле. Жали што денес камењата од пред портите ги снема, а со тоа и дружењето меѓу соседите.

    Истражувањата покажуваат дека околината, а особено боите, многу влијаат на човековото расположение. Бојата е прва работа која ја забележуваме кога се среќаваме со нешто ново. Човековата реакција на нив е субјективна, па затоа не постои универзално привлечна или одбојна боја. На нашето расположение тие делуваат потсвесно, па затоа при уредувањето на просторот за живеење освен за нивната складност и нашите вкусови, треба да се земе во предвид и чувствата кои сакаме со нив да се побудат. Сопствениците на куќите немаат одговор зошто токму со таа боја го фарбале домот.

    „Искрено да ви кажам, немам ама баш никаков одговор зошто куќата ми е сина. Поточно, така сакаше сопругата. Мене ништо не ми значи, но по нејзина желба тоа го сторив. Згора на тоа, мајсторите рекоа дека сега тоа е тренд, други куќи се така бојадисани и нека биде и кај нас. И онака ќе го разубавиме градот со новите бои, нема да биде сив“, вели сопственик на куќа кој со неговата сина боја отскокнува од старото градско јадро, каде се куќите на познатите велешки дејци.

    П. ПЕЧКОВ

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари