150 КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ ИЗРЕКУВА ДНЕВНО ПОЛИЦИЈАТА ВО СКОПЈЕ, ГОЛЕМ БРОЈ КАЗНЕТИ ИМА И ЗА НЕРЕГИСТРИРАНА КОЛА

    150 КАЗНИ ЗА БРЗО ВОЗЕЊЕ ИЗРЕКУВА ДНЕВНО ПОЛИЦИЈАТА ВО СКОПЈЕ, ГОЛЕМ БРОЈ КАЗНЕТИ ИМА И ЗА НЕРЕГИСТРИРАНА КОЛАСекојдневно се пишуваат по триесетина казни и за мотоциклисти, не само што возат со голема брзина и ги вознемируваат граѓаните, туку и поради неносење заштитна опрема.(Фото: МВР)

    Најмногу казни пишуваме за брзо возење низ Скопје, велат од Министерството за внатрешни работи, една недела откако терен има засилени акции за сообраќајни прекршоци. Од минатата недела, низ скопските улици и булевари евидентно е зголемено присуство на полицијата, која лови несовесни возачи. Секој ден во Скопје се пишуваат од 400 до 500 казни, а најмногу по 150 дневно се изрекуваат за возење со поголема брзина од дозволеното.

    Казната за брзо возење е од 50 до 300 евра, во зависност од тоа за колку е надмината дозволената брзина.

    Од МВР велат дека откако почнале со засилените акции покрај брзото возење, евидентно е дека голем е бројот на граѓани кои возат нерегистрирани возила.

    „Покрај тоа што дневно пишуваме од 20 до 30 казни за нерегистрирани возила, по 20 лица казнуваме затоа што возат без возачка дозвола. Секојдневно се пишуваат по триесетина казни и за мотоциклисти, не само што возат со голема брзина и ги вознемируваат граѓаните, туку и поради неносење заштитна опрема. Покрај казните, се одземаат и моторите“, вели Тони Ангеловски, портпарол на Министерството за внатрешни работи.

    Секој ден особено навечер се изречуваат и 50 казни за непрописно паркирање односно паркирање среде улица, а коли се собираат и со пајак службите на Град Скопје и Општина Центар.

    Од МВР најавуваат дека засилените полициски акции за поголема безбедност во сообраќајот ќе се прошират и во другите градови низ земјава.

    „Апелираме до граѓаните да ги почитуваат сообраќајните правила и прописи за да ја зголемиме безбедноста во сообраќајот“, вели Ангеловски.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира