16 РАКОМЕТАРИ ОД СКОПЈЕ И ДВАЈЦА ОД РАДОВИШ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, РАКОМЕТНОТО ПРВЕНСТВО ПРЕКИНАТО

    16 РАКОМЕТАРИ ОД СКОПЈЕ И ДВАЈЦА ОД РАДОВИШ ПОЗИТИВНИ НА КОВИД-19, РАКОМЕТНОТО ПРВЕНСТВО ПРЕКИНАТОКај ракометарите се појавиле симптоми по натпреварот со Радовиш по што целиот тим бил тестиран.-Од тестирањето на ракометарите.(Фото: РК „Голеден ает КЛ 7“)

    Шеснаесет членови на ракометниот клуб „Голден арт КЛ 7“ од Скопје се позитивни на ковид-19, потврдуваат за САКАМДАКАЖАМ.МК од Центарот за јавно здравје во Скопје. Заразени се 13 ракометари, двајца физеотерапевти и еден тренер. Дополнително двајца позитивни ракометари има и во РК „Радовиш“ кои во понеделникот играа со тимот од Скопје.

    Веста за позитивните тестови ја потврдија и од клубот кои на нивната веб страница објавија дека „по натпреварот од второто коло на македонската Суперлига во ракомет, кој се одигра во Радовиш против истоимениот тим, кај дел играчите се појавија симптоми карактеристични за вирусот покачена температура, губење на вкус и мирис.“ Сите играчи и вработени веднаш биле тестирани во приватната клиника Жан Митрев по што се откриени 16 позитивни на коронавирусот.

    По ова, Ракометната федерација на Македонија донесе одлука Групата А од Суперлигата да биде ставена во мирување во наредните 15 дена. Откако ќе изминат овие 15 дена, повторно ќе биде извршен скрининг на сите екипи пред продолжението на сезоната.

    Од Центарот за јавно здравје велат дека сите ракометари се во изолација, направена им е епидемиолошка анкета и се контактираат сите кои има можност да бидат заразени.

    „Пред почетокот на првенството сите клубови направија ковид тестови. Тогаш двајца ракометари од овој клуб беа позитивни, во меѓувреме се негативизираа. Но, овој случај покажува дека џабе е тестирање и на клубови, на училишта и градинки ако не се почитуваат мерките“, вели Александар Спасов директор на Центар за јавно здравје.

    Од клубот во Радовиш соопштија дека двајцата ракометари кои имале позитивни тестови се без симптоми на ковид-19.

    А. АНТЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира