200 ГРАЃАНИ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД СУДОТ, ГРУЕВСКИ ИМ СЕ ПРИКЛУЧИ

    200 ГРАЃАНИ ПРОТЕСТИРААТ ПРЕД СУДОТ, ГРУЕВСКИ ИМ СЕ ПРИКЛУЧИНа протестот пристигна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој утрово ги повика граѓаните да излезат на протест (Фото:Ѓ.Личовски)

    Околу 200 граѓани се собрани пред Кривичниот суд во Скопје и протестираат против апсењето на 36 лица, меѓу нив пратеници на ВМРО-ДПМНЕ и лидерите на „За заедничка Македонија“, за учество во организираниот напад на 27 април во Собранието.

    Меѓу присутните се и поранешниот градоначалници Коце Трајановски, Стевчо Јакимовски и Ивица Коневски, генералниот секретар на партијата Христијан Мицкоски, пратеникот Панче Минов и глумецот Тони Михајловски.

    Насобраната група граѓани свират со труби и свирчиња и велат дека вистинските виновници се тие кои што направија пуч и нелегитемен избор на претседател на Собранието и ги повторуваат тврдењата на Груевски за заробена држава и полициско насилство.

    На протестот пристигна и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски кој утрово ги повика граѓаните на протест. Ситуацијата е мирна, има силно полициско обезбедување, а едната лента на улицата е затворена за сообраќај.

    Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција утринава соопшти дека е отворена истрага против 36 лица за кривичното дело Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, за кое е предвидена казна затвор од најмалку 10 години. Oбвинителството побара од Кривичниот суд изрекување мерка притвор за сите 36 лица против кои покрена истражна постапка.

    Утринава потврда од МВР имаше за апсењето на поранешниот директор на Бирото за јавна безбедност Митко Чавков. Тој се наоѓа во Основниот суд Скопје 1, каде што дава исказ пред судија на претходна постапка. Во Судот се уште повеќемина други приведени утринава во голема акција на полицијата. Меѓу нив се и пратениците Крсто Мукоски, Жаклина Стефановска, актерот Владо Јовановски, оперскиот пејач Игор Дурловски, Горан Ангелов од таканареченото Македонско патриотско здружение „Андон Јанев – Ќосето“ од Велес и дел од организаторите на протестите „За заедничка Македонија“.

    Г. ТРПЕНОСКИ

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира