Мерка притвор во траење од 30 дена му е изречена на осомничениот И. К. (62) за убиството на 42- годишната жена Б. П. од охридското село Велгошти, која во петокот беше убиена во нејзината куќа. Осомничениот И. К. вчера беше пронајден во куќа во Струга и приведен од полицијата.
„Поради постоење основи на сомнение за сторено казнено дело убиство, СВР Охрид до Основното јавно обвинителство поднесе кривична пријава против И. К. (62) кој живее во Охрид. Пријавениот, казненото дело го сторил во периодот од 29.08 до 31.08. 2018 година во куќа на улицата Илинденска во охридското село Велгошти“, соопшти Министерството за внатрешни работи.
Полицијата засега не дава информации за начинот на кој е извршено убиството. Неофицијално низ Охрид се зборува дека жената била убиена на многу свиреп начин, непознат во аналите на криминалните случувања во градот.