ПОВРЕДЕНИ 47 ПОЛИЦАЈЦИ ОТКАКО 30-ТИНА ДЕМОНСТРАНТИ СО ФАНТОМКИ КРШЕА СТАКЛА НА СОБРАНИЕТО ПО ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ЗА ДИГАЊЕ НА БУГАРСКОТО ВЕТО ЗА ЕУ

    ПОВРЕДЕНИ 47 ПОЛИЦАЈЦИ ОТКАКО 30-ТИНА ДЕМОНСТРАНТИ СО ФАНТОМКИ КРШЕА СТАКЛА НА СОБРАНИЕТО ПО ПРОТЕСТОТ ПРОТИВ ФРАНЦУСКИОТ ПРЕДЛОГ ЗА ДИГАЊЕ НА БУГАРСКОТО ВЕТО ЗА ЕУНа групата што ги каменуваше Собранието и полицијата, не им се придружија дојдените демонстранти (Фото: СДК.МК)

    Четириесет и седум полицајци се повредени, од кои десетина потешко, а 11 демонстранти се приведени откако ескалираше мирниот протест против францускиот предлог за кревање на ветото од Бугарија кон Македонија во вторник навечер пред Собранието на Македонија. Протестот почна пред пред Владата, демонстрантите маршираа кон МНР, а ситуацијата ескалираше пред Собранието, кога колоната се спои со група демонстранти кои чекаа таму.

    По неколкуте говори пред Собранието, дел од демонстрантите почнаа да фрлаат факели. Се слушнаа звуци на метал и набргу 30-тина момчиња со качулки и маици на главата, ја бутнаа оградата.

    Половина час полицијата не реагираше и ги остави да фрлаат камења и други тврди предмети. Како најниски, настрадаа канцелариите во кои работат службениците во Собранието. Беа искршени стаклата на прозорците.

    Граѓаните кои беа дојдени на протестот не им се придружија на овие 30-тина момци во кршењето на Собранието. Но, иако полицијата буквално не се помрдна, тие почнаа да фрлаат и кон кордонот.

    Во гужвата се виде како возило на Брзата помош однесе повреден. Сè уште не е сигурно дали е полицаец или демонстрант. Тогаш полицајците тргнаа кон момците со качулки, кои се повлекоа во паркот „Жена борец“. Тогаш еден од униформираните лица беше извлечен наназад, повреден.

    За помалку од 5 минути без употреба на сила полицијата ја тампонираше зоната пред Собранието. Припадниците на МВР беа нарекувани „Бугари“ и со најпогрдни зборови и пцовки од момците со фантомки.

    Но затоа во паркот, неколку специјалци легнаа на тревата еден од тие што фрлаа кон полицијата. Меѓу толпата се појави свештено лице кое ги смируваше момчињата.

    „Попе, кажи им да ги фрлат штитовите“, довикуваа тие.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира