34 ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО ЗЕМЈАВА, ВАКЦИНИРАЈТЕ СИ ГИ ДЕЦАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДЕМИРИ

    34 ЗАБОЛЕНИ ОД ГОЛЕМА КАШЛИЦА ВО ЗЕМЈАВА, ВАКЦИНИРАЈТЕ СИ ГИ ДЕЦАТА, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА ЗДРАВСТВО ДЕМИРИДемири апелира до родителите да си ги вакцинираат децата, оти вакцината е најголемо достигнување на здравствениот систем. (Фото: К. Попов)

    Триесет и четири заболени од голема кашлица се регистрирани во земјава, кажа денеска министерот за здравство Илир Демири, кој трет ден е на оваа функција, на местото на Фатмир Меџити. Собранието минатата недела го разреши Меџити по предлог на техничкиот премиер Талат Џафери. Демири досега беше директор на Клиничката болница во Тетово.

    Првиот случај на голема кашлица беше пријавен на 5 јануари, а Центарот за јавно здравје Скопје на 8 февруари прогласи епидемија на ниво на Град Скопје, по препорака на Комисијата за заразни болести.

    Демири апелира до родителите да си ги вакцинираат децата, оти вакцината е најголемо достигнување на здравствениот систем.

    „Тие родители што не си ги вакцинираат децата и не ги праќаат во градинка, прашајте ги нив како си го организираат чувањето на децата“, одговори Демири на новинарско прашање по Свечената академија за отворањето на Центарот за трансплантација на хематопоетски матични клетки.

    Изминативе денови родителите на децата од второ до деветто одделение добиваат пораки дека ако детето ја има пропуштено вакцината ДиТеПер, да ги вакцинираат децата. Ова известување следи согласно препораката од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), сите матични лекари при преглед задолжително да го проверуваат вакциналниот статус на сите деца до 14-годишна возраст и сите пропуштени и невакцинирани деца да ги упатуваат на вакцинација, за да се спречат нови случаи на голема кашлица и понатамошно ширење на болеста.

    Вакциналните пунктови во поликлиниките во Скопје работат во две смени, до 19:30 часот, а во сабота од 8 до 14 часот. Деновиве е зголемен бројот на деца кои се вакцинираат, па на пунктовите се чека по минимум еден час.

    Последните податоци за опфат со ДиТеПер вакцината, која се прима на 2, 4 и 6 месеци и ревакцина на 18 месеци и 7 години, се дека се вакцинирани 83,9 од децата, а треба да биде над 95 отсто.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира