45 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ, ОД КОИ 17 ДЕЦА, ЗАГИНАА ВО АВТОБУСКА НЕСРЕЌА ВО БУГАРИЈА, СПАСЕНИ САМО СЕДУМ ЛИЦА

    45 МАКЕДОНСКИ ДРЖАВЈАНИ, ОД КОИ 17 ДЕЦА, ЗАГИНАА ВО АВТОБУСКА НЕСРЕЌА ВО БУГАРИЈА, СПАСЕНИ САМО СЕДУМ ЛИЦАТешката несреќа се случи ноќеска пред два часот на магистрала Струма, во близина на Перник (Фото: ЕПА)

    Најмалку 45 македонски државјани загинаа во автобуската несреќа што се случи ноќеска во Бугарија. Според бугарското министерство за внатрешни работи, меѓу загинатите се 17 деца, а спасени се само седум лица од автобусот.

    Тешката несреќа се случи ноќеска пред два часот на автопатот „Струма“, во близина на Перник. Македонските државјани биле на враќање од Истанбул, каде што заминале на 18 ноември. Во екскурзијата организирана од една туристичка агенција од Скопје биле вкупно четири автобуси.

    Малку после полноќ, автобусот, кој бил последен во колоната, запрел на бензинска пумпа кај Софија, по што го продолжил патот, за еден час подоцна да се случи несреќата.

    Локалните власти кои ја истражуваат несреќата велат дека најверојатната причина е човечка грешка или техничка неисправност. Тие засега не можат да потврдат дали автобусот прво удрил во оградата, па се запалил или претходно настанал пожар во него.

    Премиерот Зоран Заев рано утрово замина во Бугарија. За несреќата рано утрово бил информиран од бугарскиот претседател Румен Радев и од премиерот Стефан Јанев. Во болницата „Пирогов“ пристигна министерот за надворешни работи Бујар Османи, кој рече дека според информациите кои ги има во моментов, повеќето од загинатите се од Скопје.

    Според првите информации, автобусот е на фирмата „Беса транс“, регистрирана во село Рашче, Општина Сарај.

    Седум луѓе се превезени во болница и се во стабилна состојба. Бугарските медиуми пренесуваат дека тие рекле дека шоферот загинал, поради што патниците останале заглавени во автобусот и морале да ги кршат прозорците за да се спасат.

    „Момче на 17 години и шестмина возрасни патници се примени во болницата ‘Пирогов‘. Никој од нив не е во животна опасност“, кажа д-р Маја Аргирова од Клиниката за изгореници.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира