Четириесет и седум пациенти кои беа во критична и средно-критична состојба по пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ ќе бидат на лекување надвор од државата, кажа министерот за здравство Арбен Таравари. Во пожарот утринава загинаа 59 лица на возраст од 14-25 години, главнината од Кочани и околината.
Таравари кажа дека во моментов во македонските болници се хоспитализирани 115 пациенти, и дека се сите во стабилна и добра состојба, надвор од животна опасност. Сепак, потенцираше дека со изгорениците состојбата може да се менува и да се јават подоцнежни компликации.
Во Солун се веќе сместени 3 пациенти, во Софија 8, во Пловдив 3 и во Варна 3. Во Белград и Ниш се сместени по 1 пациент, во Истанбул се веќе тројца отидени, а уште шестмина патуваат вечерва. Вечерва уште 4 ќе заминат на лекување во Хрватска, а во Белград уште 15.
На Клиничкиот центар „Мајка Тереза“ во Скопје има 25 пациенти, по 24 во Градската општа болница (ГОБ) „8 Септември“ и Клиниката за хируршки болести „Св. Наум Охридски“, во Штипската болница 29 и во Кочани 13.
Владата прогласи 7-дневна жалост на територија на целата држава по трагедија со 59 жртви во пожарот во дискотеката „Пулс“ во Кочани, и повика секој да се придржува до одлуката, „бидејќи казните за непочитување ќе бидат ригорозни“, се вели во соопштението по вонредната владина седница. Го задолжи и Државниот пазарен инспекторат во наредните три дена да изврши вонреден инспекциски надзор врз угостителски објекти (кабаре, ноќен клуб, дискотека и дискотека на отворен простор), на територијата на земјава и за наодите од надзорот веднаш да ја извести Владата, „за да се утврди фактичката состојба дали истите работат според стандардите ги исполнуваат условите согласно законите и прописите на државата“.
Дискотеката „Пулс“ работела со фалсификувана лиценца, рече денеска министерот за внатрешни работи Панче Тошковски. Тој кажа дека една година дискотеката немала лиценца и таа работела и поради мито и корупција.
„Осомничени се повеќе од 20-тина лица, околу 15 лица се во полициска станица. Дел од осомничените се починати, дел се во болница. Дел од приведените се луѓе кои имаат дирекна вина за овој кривично-правен настан, односно приведено е едно лице кое е организатор и имаме сомнение дека има директна вина. Приведени се поранешен државен секретар на Министерството за економија, раководител на сектор во ова Министерството, поранешен директор на Дирекцијата за заштита и спасување (ДЗС) како и тројца вработени“, рече Тошковски и кажа дека лицата по кои беше издадена потерница се најдени.
- КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА СО 59 ЖРТВИ РАБОТЕЛА СО ФАЛСИФИКУВАНИ ЛИЦЕНЦИ, УАПСЕНИ ЕКСДИРЕКТОР И ВРАБОТЕНИ ВО ДИРЕКЦИЈАТА ЗА ЗАШТИТА И СПАСУВАЊЕ И ДРЖАВЕН СЕКРЕТАР ВО МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА, РЕЧЕ ТОШКОВСКИ
- КОЧАНСКАТА ДИСКОТЕКА ИМАЛА САМО ЕДЕН ПОМОШЕН ИЗЛЕЗ И НИСКИ ТАВАНИ, А ПРИСТАПОТ ЗА БРЗА ПОМОШ БИЛ БЛОКИРАН ОД ВОЗИЛА НА ГОСТИТЕ
Б. НЕСТОРОСКА