50 МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ ЗА КОМПАНИИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТА

    50 МИЛИОНИ ЕВРА ДРЖАВНИ СУБВЕНЦИИ ЗА КОМПАНИИТЕ ЗА РАЗВОЈ НА ЕКОНОМИЈАТАОд денешната презентација на планот за економски раст во Владата (Фото:Ѓ.Личовски)

    Државна помош од 3,1 милијарди денари или 50 милиони евра ќе добијат компаниите во 2018 година за економски развој. Премиерот Зоран Заев кажа дека дополнително за мерки за вработување во 2018 година обезбедени се плус милијарда денари.

    „Со планот за економски раст што го подготвививме стимулативните мерки ќе бидат еднакви и за домашни и за странски инвеститори, и еднакви ќе бидат и за компании во зоните, како и надвор од нив. Предвидовме мерки за помош на компаниите да отворат нови работни места, како и да отворат истражувачки центри и центри за технолошки развој и иновации. Предвидени се мерки за помош на мали и средни претпријатија, а ќе ја забрзаме и реализацијата на капитални инвестиции, со кои е предвидена изградба на патна инфраструктура, училишта, болници, депонии, пречистителни станици“, рече Заев.

    Тој кажа дека секој инвеститор самостојно ќе избира за која мерка ќе конкурира за да добие помош. Според него предвидениот раст на БДП од 3,2 отсто за следната година е реален.

    Вицепремиерот за економски прашања Кочо Анѓушев кажа дека програмата за економски раст се темели на три столба, односно мерки од првиот столб за општ економски развој со акцент на развој на гринфилд и браунфилд инвестиции, мерките од вториот столб се однесуваат на тоа компаниите да станат конкурентни на странски пазари, а мерките од третиот столб се однесуваат на малите и средни претпријатија.

    „Програмата за државна помош за компаниите е поставена на јасни критериуми, кои се исти за сите и нема веќе договарање за државна помош по кабинети. Секоја компанија знае што може да очекува“, кажа Анѓушев.
    Со оваа програма стартува државната помош за компаниите, кои ќе отворат нови работни места, со која тие ќе добијат поврат од 20 отсто од исплатената нето плата за работно место каде обезбедиле плата поголема од 300 евра.

    „Немаме интерес да субвенционираме вработувања со минимални плати. За да се намали нелојалната конкуренција 70 отсто од средствата се наменети за нови вработувања на лица кои излегуваат од клупа, за лица кои се повеќе од три месеци невработени, за лица кои директно ќе ги преземат од администрацијата, како и за лица кои останале без работа, бидејќи компанијата во која работеле отишла во стечај или во ликвидација“, кажа Анѓушев.

    Тој рече дека оваа мерка за зголемување на вработувањата ќе трае пет години, при што компаниите кои во 2017 година имале вакви варботувања ќе можат да конкурираат за помош до април 2018 година, а оние што ќе вработат нови луѓе во 2018 година, помош ќе може да бараат заклучно со април 2019 година.
    „Ќе има помош и за странски компании кои 15 отсто од суровините за работа ги купиле од домашни компании, а ќе им помогнеме со поврат на средства од еден отсто. Помош ќе има, но не во тоа да не се плаќаат придонесите. Таа пракса ќе мора да запре и секој да ги плаќа продонесите за здравствено и пензиско за вработените“, кажа Анѓушев.

    Е.БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира