53 УЧЕНИЦИ И 8 НАСТАВНИЦИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА ОД ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕ

    53 УЧЕНИЦИ И 8 НАСТАВНИЦИ СЕ ВО ИЗОЛАЦИЈА ОД ПОЧЕТОКОТ НА УЧЕБНАТА ГОДИНА, ВЕЛИ МИНИСТЕРСТВОТО ЗА ОБРАЗОВАНИЕМОН вели дека во сите училишта каде има позитивни случаи во рамки на наставата со физичко присуство се постапува протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес; - Од почетокот на новата учебна година во скопската општина Карпош. (Фото: Ѓ. Личовски)

    За пет дена од почетокот на учебната година досега во изолација се вкупно 53 ученици и 8 наставници, соопшти Министерството за образование и наука (МОН). Имено, шест од вкупно осум наставници не биле во директен контакт со децата, бидејќи предавањата ги држат онлајн.

    Од вчера вечерта во изолација се 10 ученици од второ одделение во Основното училиште „Кочо Рацин” во с. Подареш, Општина Радовиш, откако нивен соученик е позитивен на  ковид-19. Засега во ова училиште нема наставници кои се заболени или во изолација.

    Двајца наставници кои работеле со физичко присуство во ОУ „Гоце Делчев“ и еден ученик се позитивни на вирусот ковид-19, а 39 деца од истото училиште од вчера се превентивно во изолација. Другите три деца кои се позитивни се индивидуални случаи – едно во тетовското училиште ОУ „Адрија Савески Ќиќиш“, и едно дете во ОУ „Ванчо Прке“ од Штип, и едно во „Кирил и Методиј“ Кочани. Од центрите за јавно здравје, велат од МОН, се следат алгоритмите и за нив не се дадени препораки за изолација бидејќи биле почитувани мерките за заштита.

    Оттаму додаваат дека во сите училишта каде има позитивни случаи во рамки на наставата со физичко присуство се постапува навремено, согласно протоколите и алгоритмите, со цел да се спречи ширењето на вирусот и да се заштитат останатите ученици и учесници во образовниот процес.  Сите наставници и ученици кои се во изолација преминуваат на учење од далечина.

    МОН потсетува дека паралелно со онлајн наставата, се реализира и емитување на 15 минутни часови на телевизија преку Македонската радиотелевизија (МРТ). Исто така се доставуваат печатени материјали до децата и тие се во постојана комуникација со нивните наставници.

    „Апелираме до сите наставници максимално сериозно да пристапат кон личната заштита од ковид-19 во следниот период. Тие носат одговорност за сопственото здравје, но и за здравјето на учениците“, велат од министерството.

    Општина Центар утрово соопшти дека освен наставничката и 17 ученици кои од вчера се во изолација, дополнително уште 22 првачиња од две паралелки во ОУ „Гоце Делчев“ се во изолација, откако мајка на едно од првачињата, која е и наставничка во училиштето, иако веќе неколку дена имала симптоми на коронавирусот и не одела на работа, сепак детето го носела на настава.

    „Општина Центар најостро го осудува неодговорното однесување на наставничката и бара од директорката целосно да го испита случајот и соодветно да ја санкционира наставничката“, велат од кабинетот на градоначалникот Саша Богдановиќ.

    Б. НЕСТОРОСКА

     

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира