56 МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД ДРУГИТЕ ГРАДОВИ ДВЕ НЕДЕЛИ ЌЕ ПОМАГААТ НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА И ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ВО СКОПЈЕ

    56 МЕДИЦИНСКИ ЛИЦА ОД ДРУГИТЕ ГРАДОВИ ДВЕ НЕДЕЛИ ЌЕ ПОМАГААТ НА ИНФЕКТИВНАТА КЛИНИКА И ВО ГОБ „8 СЕПТЕМВРИ“ ВО СКОПЈЕЦелиот медицински тим функционира како едно и го дава својот максимум за третман на сите пациенти дијагностицирани со КОВИД-19“, ни рекоа од Министерството за здравство.- Екипа на Брза помош пред ГОБ „8 Септември“. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Педесет и шест медицински лица од јавните здравствени установи низ земјава се упатени на помош на Клиниката за инфективни болести и во Градската општа болница „8 Септември“ во Скопје, велат од Министерството за здравство за САКАМДАКАЖАМ.МК.

    Во главниот град, каде што се лекуваат најтешките случаи на КОВИД-19,  со напливот на пациенти од вториот бран и зголемениот број позитивни случаи и изолирани меѓу здравствените работници, како и поради премореноста, веќе сериозно се чувствува недостиг на кадар во одделот за интензивна нега во „8 Септември“ и на Инфективната клиника, како и меѓу епидемиолозите во Центарот за јавно здравје кои не можат да стигнат со правењето епидемиолошки анкети на новите кластери.

    Од Кабинетот на министерот за здравство Венко Филипче ни рекоа дека Универзитетската клиника за инфективни болести и фебрилни состојби по систем на ротација се зајакнува со 27 медицински сестри од здравствените установи низ земјава, додека пак, во ГОБ „8 Септември“ како поддршка се испраќаат 27 медицински сестри плус двајца интернисти.

    „Од почетокот на епидемијата со коронавирусот целиот здравствен систем е активиран и мобилизиран со цел успешно справување од овој непредвидлив вирус. На Инфективната клиника вработените имаат поддршка од колеги лекари и медицински сестри како од клиниките, така и од другите јавно-здравствени установи“, ни одговорија од Министерството.

    Од таму велат дека со ротацијата на 56 медицински лица од другите градови значително се зајакнуваат капацитетите во овие две установи каде што се лекуваат најтешките случаи.

    „Им се олеснува и работата на останатите здравствени работници кои работат во Инфективната клиника, ГОБ ‘8 Септември’, но и на оние кои ротираат од други клиники. Целиот медицински тим функционира како едно и го дава својот максимум за третман на сите пациенти дијагностицирани со КОВИД-19“, ни рекоа од Министерството за здравство.

    Од Министерството не одговорија на нашето прашање дали медицинските лица се повикани од внатрешноста затоа што некои директори на клиниките во Скопје не ги пуштаат своите вработени на работа во Инфективната клиника и во „8 Септември“ и дали ангажирањето на медицински лица од други градови е со цел да се отвори монтажната болница која веќе е опремена, но за неа нема доволно кадар. САКАМДАКАЖАМ.МК дознава дека на Комисијата за заразни болести речиси секојдневно се отвара прашањето за потребата од замена на преморените медицински работници, а како дополнителен проблем се дискутирало и дека системот не може да смета на одреден број медицински лица кои главно се вработени со партиски врски и кои сега среде пандемија избегнуваат работа, или земаат боледувања.

    Сите медицински работници кои ќе бидат на привремена двонеделна работа во Скопје ќе бидат сместени во хотел на сметка на Министерството за здравство.

    Од Министерството минатата недела најавија дека монтажната болница до Инфективната клиника, веќе е целосно опремена за прием на дополнителни 72 пациенти. Според нашите информации, и за неа треба дополнителен кадар, првенствено од медицински сестри, како и од специјалисти пулмолози и интернисти.

    Двајцата интернисти кои ќе помагаат во КОВИД центарот во „8 Септември“ се од Специјализираната болница за превенција, лекување и рехабилитација во Отешево, Преспа. Со нив се и четири медицински сестри од истата болница. Во „8 Септември“ се распоредени и по петмина вработени од Велешката болница и од Болницата за белодробни заболувања во Јасеново.

    Седумчлен медицински тим од Кочани во наредните две недели ќе биде работно ангажиран на Инфективната клиника. Тие таму ќе им помагаат на скопските колеги заедно со медицински сестри од Кавадарци и Кичево.

    Изминативе недели расте бројот на новозаболени од КОВИД-19, а голема е и дневната бројка на починати од компликации од коронавирусот. Вчера починаа девет лица, а беа регистрирани 162 нови позитивни на коронавирусот. Со ова, заклучно до вчера, вкупно ковид дијагностицирани во земјава се 4.057, оздравени се 1.710, починати се 188, а  активни случаи се 2.159.

    Б. НЕСТОРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира