Во болницата во Лесковац се хоспитализирани 8, а во болницата во Ниш 6 патници од македонскиот автобус, кој утрово околу 1.40 часот се преврте во близина на Лесковац. Во сообраќајната несреќа загинаа тројца патници во автобусот.
Повредените кои се во болницата во Лесковац се со полесни повреди, според министерот за здравство Венко Филипче, кој вечерва заедно со државниот секретар на Владата Драги Рашковски се во посета, додека оние во Ниш се со потешки повреди, но не се во животозагрозувачка состојба.
„Во болницата во Ниш се хоспитализирани шест македонски граѓани од сообраќајната несреќа што се случи кај Лесковац. Тие се со сериозни повреди, но се стабилни. Двајца од нив се на машини за дишење, од кои едниот со повреди на главата, а другиот со повреди на вратниот р’бет. Ноќва ќе им се следи состојбата на сите што се овде хоспитализирани, а потоа ќе се направи проценка дали ќе бидат оперирани во Србија, или ќе ги вратиме во Скопје и кај нас ќе ги оперираме“, вели Филипче.
Повредените кои се во болницата во Лесковац, според министерот се со полесни повреди, но ќе останат таму за да им се следи состојбата, и за ден два ќе се вратат во Скопје.
Во автобусот на компанијата „Еуробус“ од Струга, кој завчеравечер тргнал во 19 часот од Битола на линија за Виена имало 35 патници. Во несреќата загинаа тројца патници, а 32 беа повредени. По укажаната лекарска помош патниците со полесни повреди беа сместени во хотел, а како што информираше Министерството за надворешни работи идентификувани се двајца од загинатите.
„Идентификувани се маж и жена на возраст од 68 години. Мажот е од село Бучин, Крушевско, а жената од Кочани. Третата жртва се’ уште не е идентификувана. Надлежните служби работат на идентификација и на повредените, во тек е постапката“, изјавија денес од МНР.
Е. БОЧВАРОСКА