АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ КОИ МЕСЕЦ И ПОЛОВИНА СЕДЕА ДОМА, СЕГА ЌЕ ГИ КОРИСТАТ ЛАНСКИТЕ ОДМОРИ

    АДМИНИСТРАТИВЦИТЕ КОИ МЕСЕЦ И ПОЛОВИНА СЕДЕА ДОМА, СЕГА ЌЕ ГИ КОРИСТАТ ЛАНСКИТЕ ОДМОРИНа административците кои седеле дома им било кажано дека после првомајскиот продолжен викенд треба да се вратат на работа, па голем број од нив сега почнале да поднесуваат барања за користење на годишните одмори од лани.Градскиот парк во Скопје во работен ден во време на пандемија - (Фото: К.Попов)

    Вработените во министерствата, државните институции, општините и јавните претпријатија и овој месец нема да одат на работа бидејќи ќе го користат ланскиот годишен одмор.

    Владата на почетокот на април донесе Уредба со која вработените во јавната администрација неискористениот дел од годишниот одмор од 2019 година, наместо до 30 јуни треба да го искористат до 31 мај, а дел од одморот за 2020 да го искористат до крај на јуни.  Повеќе од месец и половина дома седеа скоро сите, а не само тие што беа ослободени затоа што имаат деца до 10 години и нема кој да им ги чува. Но, иако не одеа на работа поради мерките и препораките на Владата да се работи од дома за да нема групирање, сега ги запишуваат старите годишни одмори и не се враќаат на работа.

    Како што дознава САКАМДАКАЖАМ.МК откако министерот Венко Филипче најави олабување на мерките и враќање на работните места, на административците кои седеле дома им било кажано дека после првомајскиот продолжен викенд треба да се вратат на работа. Но, голем број од вработените во јавниот сектор, не сакаат да се вратат на работа и почнале да поднесуваат барања за користење на годишните одмори од лани.

    На нашето прашање зошто ланскиот годишен одмор на административците не им се укине бидејќи седеа дома, од Владата одговорија дека годишниот одмор е законско право на секој работник.

    „Правото на одмор е законско право на секој работник, вклучувајќи ја и администрацијата. Но, при давањето на годишен одмор се пази работниот процес да не биде стопиран. Во суштина во сите институции каде јавната администрација треба да одговори на барањета на граѓаните и стопанствениците сметаме дека нема да имаме проблеми или да трпи економијата, затоа што вработените се на годишен одмор“, одговори советникот за економски прашања во Владата Фатмир Бетиќи.

    Вработените во јавниот сектор не беа опфатени со мерките на Владата за кратење на платите. Тие и покрај кризата во стопанството и иако не одеа на работа земаат цела плата за март и април.

    Министерката за финансии Нина Ангеловска вчера кажа дека нејзин личен став е дека треба да се намалат платите на вработените во јавната администрација. Таа смета дека и тие треба да понесат дел од товарот на кризата, а не само работниците од приватниот сектор, но и онака тие работат помалку поради мерките за заштита од коронавирус.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира