АДМИНИСТРАЦИЈАТА СЕПАК НЕ СЕ ВРАЌА НА РАБОТА, ВЛАДАТА ЈА ПРИФАТИ ПРЕПОРАКАТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИ

    АДМИНИСТРАЦИЈАТА СЕПАК НЕ СЕ ВРАЌА НА РАБОТА, ВЛАДАТА ЈА ПРИФАТИ ПРЕПОРАКАТА НА КОМИСИЈАТА ЗА ЗАРАЗНИ БОЛЕСТИВладата препорачала, а секој работодавач сам одлучува за тоа како ќе го организира работното време. (Фото: К. Попов)

    Администрацијата нема да се врати на работа во полн состав и со полно работно време од месецов, како што пред десет дена најави Владата. На вчерашната владина седница била прифатена препораката на Комисијата за заразни болести административците да продолжат да работат од дома, во смени или да ротираат.

    „Препораката на Комисијата за заразни болести беше на дневен ред на вчерашната попладневната седница на Владата. Според неа администрацијата останува да работи како и досега. Владата се раководи од насоките на здравствените експерти и ќе ја почитува препораката”, велат од Владата.

    Од Владата објаснуваат дека тие не носат одлука, туку само пропорачуваат како да се одвива работниот процес врз основа на здравствените протоколи.

    „Секој работодавач сам одлучува за тоа како ќе го организира работното време. Укажуваме дека ротациите не се пречка за функционалноста на институциите”, додаваат од Владата.

    Комисијата за заразни болести на 29 јануари препорача администрацијата да не се враќа во полн состав и со полно работно време на работа.

    „Во овој момент, здравствената ситуација со ковид-19 е само стабилна, но не и намалена и поради тоа не е дадена никаква препорака за олабавување на мерките и препораките. Граѓаните да продолжат да ги почитуваат мерките за заштита, затоа што даваат резултати“,соопштија во петокот од Министерството за здравство по состанокот на Комисијата за заразни болести.

    Државната администрација не оди на работа од почетокот на пандемијата на ковид-19. Во март со цел да се спречи ширење на вирусот, Владата донесе одлука административците да работат од дома. Дел од нив беа вратени на работа во јуни, но голем број продолжија да не одат бидејќи ослободени  од одење на работа беа бремените жени, хронично болни, како и родителите на деца до 10 години.

    Со отворањето на градинките во септември и почетокот на учебната година мерката веќе не важеше, па оние административци кои ја користеа мораа да се вратат на работа. Но, одењето на работа траеше еден месец бидејќи на октомври беше донесена нова одлука за работа од дома или во смени и ротации.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира