АДВОКАТИТЕ МАНИПУЛИРААТ И ШИРАТ ХИСТЕРИЈА СО ПОГРЕШНО ЧИТАЊЕ НА ОБВИНЕНИЕТО, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА ЗА ПРОЦЕСОТ ЗА 27 АПРИЛ

    АДВОКАТИТЕ МАНИПУЛИРААТ И ШИРАТ ХИСТЕРИЈА СО ПОГРЕШНО ЧИТАЊЕ НА ОБВИНЕНИЕТО, ВЕЛИ ОБВИНИТЕЛКАТА РУСКОВСКА ЗА ПРОЦЕСОТ ЗА 27 АПРИЛНиту еден од 33-та обвинети не се обвинети за тероризам. Тоа е сосема друго кривично дело. За овие обвинети има цврсти докази за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по член 313 од Кривичниот законик; - Обвинитeлката Вилма Русковска (Фото: К. Попов)

    Судскиот процес за организираниот напад на Собранието на 27 април лани кој почна на 22 август и утринава го има третото продолжение, почна со шпекулации дека обвинетите се терористи, а ниту еден од нив не е обвинет за тероризам, туку за терористичко загрозување на уставниот поредок.

    Обвинителката Вилма Русковска во изјава за САКАМДАКАЖАМ.МК реагира на манипулациите искажани од адвокатите и нивните клиенти.

    „Се изнаслушавме овие два дена во судницата дека овие 33 обвинети биле терористи. Реагирам на оваа хистерија. Ниту еден од 33-та обвинети не се обвинети за тероризам. Тоа е сосема друго кривично дело. За овие обвинети има цврсти докази за Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста по член 313 од Кривичниот законик. Тоа е во Кривичниот законик во главата: Кривични дела против државата. Колегите адвокати би требало да знаат и да им објаснат на странките и на нивните семејства дека ова кривично дело е сосема различно од делото Тероризам, член 394-б (глава: Кривични дела против јавниот ред) и има сосема друг опфат на кривично-правни дејствија“, вели Русковска.

    Присутните роднини на обвинетите нивните најблиски со иронија ги нарекуваат терористи, а имаше и протест во кој група граѓани изразија револт дека обвинетите се гонат за тероризам, а дел од адвокатите, во воведните зборови ги искритикуваа Обвинителството за организиран криминал и обвинителката Вилма Русковска за монтирање на политички случај во кој клиентите им се преставени дека учествувале во тероризам.

    Адвокатите во воведните зборови забележуваа дека е опасно и недозволиво за еден ист настан  обвинителството да гони за учество во толпа, за насилство и за обид за убиство, а одеднаш за овие 33 лица да поднесе обвинение за терористичко загрозување на уставниот поредок.

    Русковска уште првиот ден објасни дека Обвинителството за организиран криминал поднело обвинение само за лицата за кои има цврсти докази за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста. На новинарско прашање кој ја има централната улога во организираниот упад во Собранието, одговори дека секоја од групите: напаѓачи, припадници на МВР, пратеници и организатори, имале своја централна фигура.

    Во анкетата што ја направи САКАМДАКАЖАМ.МК кај неколкумина долгогодишни судии – кривичари, актуелни и во пензија, го доби истиот одговор: „Судиите ги интересира само обвинението и дали обвинителот ќе го докаже. Нас не не интересира дали требало да има и зошто нема други обвинети за некој настан, колку и да бил масовен, ниту зошто имало за ист настан обвиненија за други, за полесни кривични дела, за потешки итн. Судијата воопшто не го интересираат примери надвор од содржината на едно конкретно обвинение“.

    Завчера, на прашањето зошто не е обвинет телохранителот на Никола Груевски, кој комуницирал на 27 април со својот брат Александар Василевски – Нинџа, еден од главните организатори на нападот, Русковска одговори дека Обвинителството не може да работи со претпоставки и озборувања.

    „Кога ќе имаме цврсти докази и за организаторите, или нарачателите, како што вие ги нарекувате, тогаш тие ќе бидат обвинети“, рече таа.

    Засега за организираниот напад со многу повредени пратеници, вработени во собраниското обезбедување, новинари и полицајци на 27 април лани, обвинети се 31 лице за терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста, и двајца за помагање.

    Член 313 -Терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста гласи:

    „Тој што со намера да го загрози уставниот поредок или безбедноста на Република Македонија ќе предизвика или сериозно ќе се закани со предизвикување експлозија, пожар, поплава или друго општоопасно дејствие или акт на насилство, создавајќи чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затвор најмалку десет години.“.

    Член 394-б Тероризам е сосема друго кривично дело и тоа гласи:

    „(1) Тој што ќе изврши едно или повеќе дела на убиство, телесно повредување, грабнување на лица, уништување на јавни објекти, транспортни системи, објекти на инфраструктура, компјутерски системи и други објекти за општа употреба, грабнување на авиони или други средства на јавен транспорт, производство, поседување, транспорт, трговија, набавка или примена со нуклеарно оружје, биолошки, хемиски оружја и други видови на оружја и опасни материи, како и истражувања во насока на развој на биолошко и хемиско оружје, пуштање на опасни радиоактивни, отровни и други опасни супстанции или предизвикување на пожар или експлозија, уништување на постројки за снабдување со вода, енергија или други основни природни извори, со намера за загрозување на животот и телото и создавање чувство на несигурност или страв кај граѓаните, ќе се казни со затворнајмалку десет години или со доживотен затвор.“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира