АКО ГЕРМАНИЈА КАКО НАШ ГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ НАПРАВИ ПОГОЛЕМИ НАПОРИ, МОЖНО Е ВО ЈУНИ ДА ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ , ВЕЛИ ЗАЕВ

    АКО ГЕРМАНИЈА КАКО НАШ ГОЛЕМ ПРИЈАТЕЛ НАПРАВИ ПОГОЛЕМИ НАПОРИ, МОЖНО Е ВО ЈУНИ ДА ДОБИЕМЕ ДАТУМ ЗА ПРЕГОВОРИ , ВЕЛИ ЗАЕВПреговорите за законот за СЈО не одат во добар правец, оти опозицијата дала сосем нови предлози со кои треба да се пишува нов закон. Премиерот апелираше поскоро да се договорат, за да не биде тоа аргумент за недобивање датум за преговори. - Од посетата на Ангела Меркел на 8 септември 2018 (Фото: СДК.МК)

    Датумот за почеток на преговорите со Европската унија, премиерот Зоран Заев очекува земјава да го добие летово и тоа реална опција ако извештајот на Европската комисија за напредокот помине во националните парламенти на државите членки. Само ако не помине извештајот во националните парламенти, одлуката за добивање датум за преговори би се одложила за есен.

    „Очекуваме датумот за почеток на преговори да биде даден ова лето. Јасно е дека јуни е тешко достижен, заради тоа што Бундестагот има седница меѓу 3 и 6 јуни и не верувам дека извештај што се објавува на 29 мај и треба формално-правно да се процесуира и да стигне до националните парламенти на земјите членки на ЕУ, ќе може меѓу 3 и 6 јуни да биде на седница. Ако се направат малку поголеми напори од Германија како голем пријател тоа би било можно“, рече Заев одговарајќи на новинарски прашања по пуштањето во употреба на нов објект на ОУ „Вера Јоциќ“ во Хиподром.

    Тој рече дека ако извештајот биде усвоен во јуни, во јули би имале одлука на Комитетот за општи работи на ЕУ (ГАК) или на министерскиот совет, а според него тоа е возможно.

    „Само ако не успеат националните парламенти тоа да го направат тогаш тоа би можело да се одложи за есен. Но, едно е јасно и Европската комисија тоа го потврди, драго ми е што тоа го направија и земјите членки, дека Преспанскиот договор плус сто отсто реформи, плус придонесот за севкупниот регион, како и чекањето 14 години во клупа како земја кандидат се наши аргументи за конечно да добиеме одлука за датум на преговори“, рече Заев.

    Преговорите за законот за јавно обвинителство, со кој треба да се реши и судбината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), како што кажа премиерот, не одат во добар правец и со посакувано темпо и динамика. Според него нерешавањето на ова прашање, може да биде изговор некои земји членки на ЕУ да спротивстават на одлуката за доделување датум за преговори и апелира што побрзо да се постигне договор.

    „Не би сакал јас како премиер и ние како држава воопшто да оставиме каков било аргумент на земјите членки кои се застапени преку премиерите на Европскиот совет или преку министрите за надворешни работи на ГАК кои одлучуваат за прифаќање на препораката за почеток и добивање датум за преговори заради нерешавање на ова прашање“, рече Заев.

    Тој кажа дека последните чекори биле успешни и на крај добиле сосема нови предлози кои ги враќаат буквално да седнат и да пишуваат нов закон.

    „Ова не е решение и затоа апелирам на одговорност заради тоа што дефинитивно големите суштински работи се решени. Верувам дека останаа само политичките. Подготвен сум ако се решат до крај суштинските прашања да седнам на лидерска средба и да ги дефинираме политичките работи. Убаво би било пред да се одржи тој министерски совет и ова прашање да биде решено или барем да испратиме изјава дека сме се договориле. Ако не друго за да не им даваме аргумент да не го одредат датумот за почеток на преговори“, рече Заев.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира