АКО ЛЕКАРИТЕ ОД „СИСТИНА“ ЗЛОУПОТРЕБАТ, НИВНИОТ ПАЦИЕНТ КАМЧЕВ ЌЕ ОДИ НА КОНЗИЛИЈАРНО МИСЛЕЊЕ НА КЛИНИКА

    АКО ЛЕКАРИТЕ ОД „СИСТИНА“ ЗЛОУПОТРЕБАТ, НИВНИОТ ПАЦИЕНТ КАМЧЕВ ЌЕ ОДИ НА КОНЗИЛИЈАРНО МИСЛЕЊЕ НА КЛИНИКА„Се работи за специфичен преглед, на обвинетиот Камчев дозволено му е правото на сопствен лекар“, вели судијата Трпков (лево) - (Фото: СДК.МК)

    Судијата Илија Трпков кој претседава со советот во предметот „Плацеви на Водно“ , на обвинетиот Јордан Камчев му дозволил право на сопствен лекар во приватната болница „Аџибадем Систина“ поради специфичноста на прегледот.

    „Ако лекарите во приватната болница ‘Аџибадем Систина’ направат злоупотреба со медицинскиот извештај во насока на одолговлекување на судскиот процес, или во насока на неспроведување на мерката притвор против него, ќе биде издадена наредба за конзилијарно мислење од Државната клиника, како што налага законот. Сметам дека до тоа нема да дојде“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК судијата Илија Трпков, кој во четвртокот дал наредба да се  спроведе притвореникот Камчев од затворот во Шутка, во приватна болница.

    Камчев е член на одборот на директори на „Аџибадем Систина“, каде што во четвртокот околу 13 часот, веднаш по приемот бил хоспитализиран.

    Според експерти по кривично право, во случајов постои конфликт на интереси.

    „Ова е преседан од страна на Суд“, велат соговорниците, укажувајќи на тоа дека ако лицето лишено од слобода има пари да се лекува во приватна болница, можело на пример судијата да го упати и во друга приватна клиника, ако нема доверба во јавното здравство, но никако и во болницата каде што им е шеф на лекарите што треба да му напишат дијагноза и да дадат препораки.

    „Во случајот со здравствените проблеми на кои се жали обвинетиот Јордан Камчев, препорака за интервенција даде претходно и лекар специјалист од државните клиники“, вели судијата Трпков.

    „Според законот, јас го дозволив правото на сопствен лекар, затоа што се работи за специфичен преглед. Од неговите адвокати бев информиран дека се воделе повеќе постапки пред Стразбур за негови наводни повредени права. Едната ја изгуби во однос на мерката притвор, но јас како и за сите обвинети и притворени лица, ќе внимавам докрај и во ‘Плацеви на Водно’ правото на обвинетите во ниту еден момент да не им го ускратам“, вели Трпков.

    Со оглед на тоа дека судењето продолжува на 14 јануари, судијата смета на тоа дека дотогаш Камчев ќе ги заврши прегледите и нема да има одлагања на рочиштата.

    Завчера Камчев бил прегледан поради болки во абдоменот, од затворскиот лекар. Тој напишал извештај до судијата, кој од причините што ги наведува, го пратил директно во „Систина“.

    За привилегиите пак во затворот во Шутка, на кои забележуваат други притворени лица, кои велат: „сите имаме право на посета еднаш неделно, тој два-трипати“, што го посетувале и луѓе кои не биле членови на неговото семејство, дека сите имале по еден час посета, а Камчев двојно повеќе, судијата Трпков вели:

    „Да, сите тие посети јас ги дозволувам, но гледате и самите дека обвинетиот има ангажирано пет адвокати, а сега плус уште еден. Законот му гарантира право на посета на бранителите и тоа мора да се почитува“.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

     

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира