АКО ЛЕКАРИТЕ СИ ЈА РАБОТЕЛЕ РАБОТАТА, ЗОШТО ИМАМЕ ТОЛКУ МНОГУ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА?, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ЗА ПОСЛЕДНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНИЦЕФ

    АКО ЛЕКАРИТЕ СИ ЈА РАБОТЕЛЕ РАБОТАТА, ЗОШТО ИМАМЕ ТОЛКУ МНОГУ НЕВАКЦИНИРАНИ ДЕЦА?, ВЕЛИ ЕПИДЕМИОЛОГОТ Д-Р ДАНИЛОВСКИ ЗА ПОСЛЕДНИОТ ИЗВЕШТАЈ НА УНИЦЕФНа глобално ниво, поради пандемијата, се проценува дека 67 милиони деца целосно или делумно ја пропуштиле рутинската имунизација од 2019 до 2021 година. (Фото: К. Попов)

    Ако се вакцините задолжителни со закон, зошто не се спроведува законот?, вели епидемиологот проф. д-р Драган Даниловски за последниот поразителен извештај на УНИЦЕФ, каде во 2021 година Македонија, заедно со Босна и Херцеговина и Киргистан, била на второ место во Европа и Централна Азија според бројот на деца со „нула дози“, (кои немаат примена никаква вакцина) – 11 отсто од децата помали од една година. На прво место е Молдавија, каде оваа стапка изнесува 13 отсто.

    Д-р Драган Даниловски лани замина во пензија како раководител на Институтот за епидемиологија и биостатистика со медицинска информатика и е поранешен министер за здравство.

    На глобално ниво, заради пандемијата, се проценува дека 67 милиони деца целосно или делумно ја пропуштиле рутинската имунизација од 2019 до 2021 година. Во Европа и Централна Азија, оваа бројка е 327.400 деца.

    Вакциналниот скептицизам, вели д-р Даниловски, беше присутен и пред пандемијата, но таа го потенцираше уште повеќе, благодарејќи на дезинформациите што се шират преку традиционалните и социјалните медиуми. Истовремено, сѐ повеќе се зголемува недовербата во здравствените системи, што, исто така, влијае на негативните ставови кон вакцините.

    Го прашавме како да се зголеми опфатот со вакцинација во актуелниве околности, а тој вели, ќе треба многу да се стори.

    „Но, дефинитивно, сѐ би било залудно, доколку не постои политичка волја да ги заштитиме децата од болести кои можат да се спречат со вакцини. Клучен приоритет е да се идентификуваат децата со ‘нула дозa’ и недоволно вакцинираните (со една доза), да се разговара со родителите и да се поканат да ги вакцинираат децата. Во таа кампања треба да учествува целото општество – од локално до државно ниво. Се разбира, најголемиот товар ќе го понесе примарната здравствена заштита.
    Меѓутоа, ако се знае дека отпорот/скептицизмот кон вакцините започна многу пред пандемијата, се наметнува прашањето: Зошто се толерирала таквата појава? Вакцините за детските заразни болести се задолжителни по закон! Зошто не се спроведувал законот? Основна професионална мисија на матичните доктори е здравствената едукација. Во доменот на вакцинациите, должност им е да објаснуваат на скептичните граѓани за безбедноста на вакцините, ползата од нив за здравјето на детето, аргументирано да им ги расчистат дилемите, да ги раскринкуваат антивакциналните ‘совети’… Ако докторите си ја извршувале својата мисија, зошто ефектите се катастрофални? Зарем не е спроведувана контрола и евалуација на ефектите на нивната работа? И не само нивната“, потенцира д-р Даниловски.

    Една од вакцините за кои има најголеми дилеми и полемики и одбивност во јавноста, е вакцината против морбили. Тој вели дека официјалниот податок за опфатот на вакцинацијата против морбили за 2021 година е 70,4 отсто. Во 2022, вели, многу веројатно не е ништо променето.

    „Ако во 2018 година имавме опфат од 75 отсто и избувна епидемија со околу 1.900 заразени во тек на една година (декември 2018 – декември 2019), тогаш, лесно може да се заклучи дека сега, при опфат од околу 70 отсто, ризикот за епидемија е реално мошне висок. Едноставно, доволно е да се појават неколку случаи на болеста, за да се разгори епидемиска стихија. По случајот на морбили во почетокот на април во Штип, за среќа, не дојде до масовно избувнување. Би рекле, имавме ‘среќа’. Но, зарем во 21 век треба да се потпираме на ‘среќа’? Вирусот на морбилите е најзаразен вирус на планетава. Едно заразено лице заразува 12-18 осетливи лица. За целосно да се елиминира ризикот од епидемиско ширење потребен е опфат од преку 95 отсто со прва доза. Тоа е цел што тешко кај нас се достига. Реална цел веројатно е достигање на опфат од околу 90 отсто. И тоа ниво значајно ќе го намали ризикот од епидемија“, рече д-р Даниловски.

    Според него, за да се зголеми интересот кај граѓаните, потребна е сеприсутна акција против антивакциналната кампања, која ја турка идејата дека вакцината против морбили предизвикува аутизам. Поради тоа, кај родителите се јавува страв и отпор да ги вакцинираат своите деца, согласно календарот за вакцинации – првата доза по навршени 12 месеци и втората пред поаѓање на училиште.

    „Одамна е расчистено во научните кругови дека вакцината нема никаква поврзаност со аутизмот. Но, во отсуство на организирана, систематична и аргументирана контракампања, родителите остануваат и понатаму скептични и најчесто решаваат да ги вакцинираат децата дури откако ќе проговорат, некаде по втората година од животот. Ова, за жал, многу често им го советуваат и голем број матични доктори (и не само тие)“, истакнува д-р Даниловски.

    Тој вели дека приближно 30 отсто од пациентите кои имаат сипаници развиваат една или повеќе компликации. Вообичаени компликации се дијареа, воспаление на средното уво и пневмонија, што е најчеста причина за смрт. Компликациите се почести кај децата помлади од 5 години и кај возрасните постари од 20 години. Може да се јави и енцефалитис со честота од 1 на 1.000 заболени. Исто така, колку е помала возраста на заболеното дете (особено ако е под две години), толку е повисок ризикот и од појавата на доцнежната, многу сериозна компликација, т.н. субакутен склерозирачки паненцефалитис, кој се јавува по 7-10 години од прележувањето на морбили, со честота од 4-11 на 100.000 заболени и кој најчесто завршува фатално.

    Морбилите предизвикуваат феномен на „имунолошка амнезија“ кај сите прележани, вели епидемиологот.

    „Имено, организмот реагира со формирање на специфичен имунитет само кон морбилите, а истовремено го брише имунитетот стекнат дотогаш кон сите други заразни болести, со прележување или со вакцинација! Организмот се претвора во имунолошка ‘tabula rasa’. Ова значи дека од почеток треба да го гради избришаниот имунитет. Што, пак, го изложува детето на непотребни ризици. Се поставува прашање: Зошто детето повторно да мора да ги прележува заразните болести кои веќе ги поминало? Или да се вакцинира повторно против оние за кои веќе било вакцинирано? Ова е спротивно на здравиот разум! Феноменот на имунолошка ‘амнезија’  е објаснет во 2012 година, но докторите уште децении претходно имаат забележано дека по прележување на морбили, децата почнуваат зачестено да се разболуваат“, вели д-р Даниловски.

    Иако опфатот со рутинска вакцинација на децата во Македонија порасна во последнава година по пандемијата, според УНИЦЕФ, она што загрижува е падот на довербата во вакцините што се даваат во детството.

    „Имунизацијата е една од најзначајните успешни приказни на човештвото. Таа доведе до искоренување на болести како вариола вера и спаси милиони животи од опасни заболувања меѓу кои ќе ги споменам малите сипаници и полиото“ изјави Патриција ди Џовани, претставничка на УНИЦЕФ во земјата.

    Според неа, „не смееме да дозволиме бранот од страв и дезинформации, дополнително засилен од пандемијата, да ги доведе под ризик животите на децата“.

    Глобалниот извештај дава листа со препораки. Меѓу оние за Македонија, се да се продолжи со идентификување на сите невакцинирани деца и тие да се вакцинираат, особено оние кои пропуштија вакцинации за време на пандемијата на ковид-19, потоа да се зајакне довербата во вакцините и побарувачката, вклучително и преку тесна соработка со локалните заедници со цел решавање на нивните потреби и грижи поврзани со вакцинацијата, исто така да се даде приоритет на финансирањето на службите за имунизација и примарната здравствена заштита, како и да се изградат отпорни здравствени системи преку инвестирање во здравствените работници.

    Б. НЕСТОРОСКА


      ГЛАСНО - во САКАМДАКАЖАМ.МК пријавете проблеми во здравствениот систем


      Почитувани читатели, ни треба вашата помош за заедно да ги откриеме, истражиме и придонесеме за решение на какви било проблеми што го отежнуваат или оневозможуваат пристапот до квалитетна услуга во јавното здравство. Пишете ни за вашите проблеми со здравствените институции низ целата земја. Ви благодариме на довербата.

      Симнете ја мобилната апликација

      ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира