АКО НЕ СЕ ГОНИ КРИВИЧНО ИВАНОВ ЗА НЕЗАКОНСКАТА АМНЕСТИЈА, СЛУЧАИТЕ НА СJO ЌЕ ПАДНАТ ПРЕД СТРАЗБУР, ПРЕДУПРЕДУВА КАЛАЈЏИЕВ

    АКО НЕ СЕ ГОНИ КРИВИЧНО ИВАНОВ ЗА НЕЗАКОНСКАТА АМНЕСТИЈА, СЛУЧАИТЕ НА СJO ЌЕ ПАДНАТ ПРЕД СТРАЗБУР, ПРЕДУПРЕДУВА КАЛАЈЏИЕВВо очите на Европскиот суд за човекови права и слободи, Иванов не е припадник на одредена политичка елита, туку претседател и орган на државата. - Ѓорге Иванов; професор Гордан Калајџиев (Фото: СДК.МК)

    Додека не ја означиме како незаконита амнестијата на претседателот Ѓорге Иванов на осомничени, но и на сведоци во постапките на СЈО, овие случаи ќе паднат пред Европскиот суд за човекови слободи и права во Стразбур, смета професорот по кривично право Гордан Калајџиев.

    „Досега беше можно, но немаше мнозинство Ѓорге Иванов да одговара и политички и кривично. Со Уставот се уредени и едната и другата работа. Уште има време за тоа, дури и кога ќе му истече мандатот, бидејќи тогаш ќе отпаднат некои механизми што го штитат сега како претседател. Злоупотребата беше во тоа што тој де факто направи амнестија, а не помилувања. Помилувањата се предвидени за претседателот на државата како мали интервенции во случаи на индивидуална правда, а овде имавме групна амнестија што Уставот свесно, како и во други држави, ја дава на Собранието, како орган кој има мнозинство и сепак не е поединец“, вели Калајџиев.

    Според него, вака дадената и повлечената амнестија остава впечаток дека се дадени арбитрарно, а во очите на Стразбур Иванов не е припадник на одредена политичка елита, туку претседател и орган на државата.

    „Излегува дека тие случаи ќе паднат пред Стразбур затоа што некој орган на државата си игра со судбините на луѓето. Дал еднаш помилување, тоа е крај за судбината на тој граѓанин и утре се повлекува. Тука може утре да има проблеми и со постапките на СЈО, бидејќи кога имате помилување, правно, според Законот за кривична постапка (ЗКП), тие предмети треба да се сопрат. А СЈО не ги сопре, очекувајќи политички притисок“, рече тој.

    „Поради тоа што политиката го доминира правото, многу решенија се извртени. Мојата идеја затоа е дека мора да се стави крај на тоа да се толкуваат законите така како што мислиме дека политички е исправно. Законот треба да биде закон и да важи за сите, а одговорност на Собранието е какви закони ќе донесе“, смета Калајџиев.

    Тој на дебатата во МАНУ за статусот на СЈО во рамки на судските реформи, остро забележа и на едно друго ноншалантно и полузаинтересирано однесување на обвинителството, и тоа во присуство на државниот обвинител Љубомир Јовески и на претставник од ОЈО за организиран криминал.

    Според него, кривично треба да одговара и претседателот на Комисијата за дискриминација Александар Даштевски кој му издаде уверение на осудениот Никола Груевски дека не му било фер судењето за нарачката на луксузниот мерцедес за себе како тогашен премиер, од парите на полицијата.

    „Оваа Комисија не е орган кој го оценува и коментира судскиот процес, туку тоа е законска надлежност само на повисокиот суд и за тоа Даштевски треба да одговара за злоупотреба на службената положба и овластувањата“, им кажа Калајџиев на присутните обвинители на дебатата во МАНУ.

    Калајџиев праша зошто со таков документ на Груевски в рака, издаден од орган во државата од која бега, Унгарија или друга земја кај што има пријателски врски осудениот експремиер, не би имала алиби за да му даде азил?

    САКАМДАКАЖАМ.МК го праша и претседателот на Собранието Талат Џафери, дали има простор за импичмент на Иванов за амнестијата и кршењето на законот што не ги потпиша Договорот од Преспа и Законот за употреба на јазиците. Тој рече дека тоа е работа, односно иницијатива на пратениците, но ни тие не покренаа такво нешто. Нема ни време, зашто претседателските избори Џафери најави дека ќе ги распише на 8 февруари по што Парламентот ќе се распушти.

    Во случај на редовен престанок на мандатот, на Иванов му следува право на пензија со еднаков износ на платата што ја прима претседателот на Република Македонија, право на канцелариски простор и најмногу до три стручни лица што ќе си ги избере тој, како и право на користење на службено возило и возач согласно со прописите што ги донесува министерот за внатрешни работи.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира