Целта на поднесените над 35 илјади амандмани на Законот за употреба на јазиците од ВМРО-ДПМНЕ е политичка, не се за подобрување на законот туку за се спречи неговото донесување, рече претседателот на Собранието Талат Џафери, на денешниот брифинг со новинарите.
Според Џафери, одлуката на ВМРО-ДПМНЕ е политичка, се употребува процедурата за да се направи од нешто политика и дека амандманите немаат реална цел, не се за подобрување на законот. За апсурдноста на поднесените амандмани, Џафери посочи примери од членови на законот, во кој има поднесено 222 амандмани, а тој член нема повеќе од 200 зборови.
„Може да се каже дека опозицијата поднесе 35 илјади амандмани зашто толку комбинации на букви и зборови излегуваат од законот“, рече Џафери.
Законот е напишан на 8 страници, а ако на една страна има околу 480 зборови,тогаш за вкупно 4 илјади зборови вмро поднела над 35илјди амандмани.
Претседателот Џафери смета дека секое можно прифаќање на еден амандман би претставувало закана за Уставот.
„Во парламентарната процедура законот е усогласен со Уставот и не постои основа за да се смета за неуставен“, изјави Џафери.
Во однос на тоа дали е можно амандманите да бидат повлечени, Џафери рече дека секојдневно е во комуникација со опозицијата и со другите пратенички групи. Тој ја повика опозицијата да размисли: „Ако имаат сенс за процесите и за државата нека се премислат“, рече Џафери.
Досега биле преведени 17 илјади амандмани.
Г. ТРПЕНОСКИ