АКТИВИСТИТЕ ЗАЕДНО СО НИВНИТЕ МИЛЕНИЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ВЛАДАТА И ПОБАРАА ДРЖАВНИ ШЕЛТЕРИ ЗА УЛИЧНИТЕ КУЧИЊА

    АКТИВИСТИТЕ ЗАЕДНО СО НИВНИТЕ МИЛЕНИЦИ ПРОТЕСТИРАА ПРЕД ВЛАДАТА И ПОБАРАА ДРЖАВНИ ШЕЛТЕРИ ЗА УЛИЧНИТЕ КУЧИЊАДосега никој не е казнет затоа што миленикот го пуштил и оставил на улица. (Фото: К. Попов)

    Aктивистите за заштита на правата на животните денеска протестираа пред Владата, откако пред 3 дена стружанец со ловечка пушта уби 10 улични кучиња. Рекоа дека со протестот сакаат да го изразат својот револт за пукањето и убиените кучиња во Струга и да побараат властите да преземат мерки за решавање на проблемот.

    „Решението на проблемот е во отворање на ветените државни шелтери за вдомување на бездомните кучиња, да се воведе задолжителното микрочипирање на милениците, како и задолжителната стерилизација односно кастрација на милениците, која за помалку од три години би го решила проблемот со кучињата скитници“, рекоа активистите на протестот.

    Премиерот Димитар Ковачевски денеска кажа дека му дал налог на министерот за земјоделие Љупчо Николовски да се подготви нов закон за миленици.

    Но, Министерството за земјоделие, шумарство и водостопанство уште во март 2022 подготви измени на Законот за заштита и благосостојба на животните со кои, ако се спроведува законот, ќе почне да се решава проблемот со бездомните кучиња, ама заглави нивното разгледување усвојување во Собранието.

    Според предложените законски измени, објавени на ЕНЕР во март лани, сопствениците на кучиња се обврзани да го стерилизираат својот миленик, освен во случај ако се регистрирани сопственици на куче или имаат регистрирано одгледувачница. Понатаму, регистрираните сопственици и одгледувачниците мораат да го пријават леглото од своите животни во овластена ветеринарна амбуланта, клиника или болница, да ги идентификуваат и регистрираат младенчињата пред да ги подарат или продадат на друг сопственик, како и да ги пријават лицата кај што ги вдомиле младенчињата.

    Проблемот со улични кучење е поради тоа што најголем дел од нив се напуштени од сопствениците и потоа неконтролирано се размножуваат. Досега никој не е казнет затоа што миленикот го пуштил и оставил на улица.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира