АЛЧНА СИ, Ѝ КАЖА РУСКОВСКА НА ЕКСКОЛЕШКАТА ЈАНЕВА, А ТАА Ѝ ОДГОВОРИ: НЕ СУМ НИ ТРОШКА ВИНОВНА

    АЛЧНА СИ, Ѝ КАЖА РУСКОВСКА НА ЕКСКОЛЕШКАТА ЈАНЕВА, А ТАА Ѝ ОДГОВОРИ: НЕ СУМ НИ ТРОШКА ВИНОВНАОбвинителката Вилма Русковска кажа дека Орце Камчев не може да биде оштетен и нема да му бидат вратени парите, бидејќи ги дал да попречи истрага и бидејќи го пријавил рекетот што бил вршен врз него може да биде само сведок, но не и оштетен. - Катица Јанева; Вилма Русковска (Фото: К. Попов)

    Обвинителката за организиран криминал и корупција Вилма Русковска воведниот збор го почна со забранетите дејствија на поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, една од филмот Чарлиевите ангели, како што рече таа. За Јанева кажа дека влегла во филмот на самопрогласената естрадна ѕвезда и дозволила тој да влијае врз неа.

    „Се посрамоти себе си, ја изигра довербата на целиот народ“, рече Русковска на почетокот на судењето за случајот „Рекет“.

    Обвинителството ќе докаже дека таа изнесувала доверливи податоци од истрагата, овозможувајќи му да бара пари за олеснување на истрагата против Орце Камчев, осомничен во „Империја“, најави Русковска.

    „Ќе слушнете дека молеле Орце и Ана Камчеви да се спаси тој како осомничен. Не е така, ќе видите од сведочењата, кои мене не ме оставија рамнодушна. Ќе чуете дека Зоран Милевски сакал да му помогне на Камчев оти го сакал како брат. А не заборавил да ја земе торбата од еден милион евра. Многу е, и за брат да е. Тука не е оштетен сведокот. Тука најмногу сме оштетени ние, граѓаните“, рече Рускоска во кусиот воведен збор.

    Таа кажа дека Орце Камчев не може да биде оштетен и нема да му бидат вратени парите, бидејќи ги дал да попречи истрага и бидејќи го пријавил рекетот што бил вршен врз него може да биде само сведок, но не и оштетен.

    Бојан Јовановски – Боки 13 стана и се изјасни за невин. Обвинет е за перење пари и за примање награда за противзаконито влијание.

    Потоа стана Јанева. „Ни трошка не се чувствувам виновна“, рече поранешната специјална обвинителка Јанева, за злоупотреба на службената положба и овластувањата.

    Но, изненади третообвинетиот Милевски.

    „Виновен сум. Доброволно го давам ова признание“, рече Милевски, по што веднаш беше издвоен од постапката.

    Се очекува истиот судечки состав на Милевски да му изрече пресуда веднаш.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира