АМЕРИКАНЦИТЕ ЦЕЛОСНО ГО ПОДДРЖУВААТ ПЛАНОТ СО ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА, ПИШУВА ГРЧКИ „КАТИМЕРИНИ“

    АМЕРИКАНЦИТЕ ЦЕЛОСНО ГО ПОДДРЖУВААТ ПЛАНОТ СО ИЛИНДЕНСКА МАКЕДОНИЈА, ПИШУВА ГРЧКИ „КАТИМЕРИНИ“Ако има решение, двајцата премиери ќе се сретнат во Преспа да соопштат дека постигнале договор. - Премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Софија (Фото: Влада на РМ)

    Грчкиот весник „Катимерини“ ги анализира можните потези на тамошните политичари по однос на предлогот „Република Илинденска Македонија“ и наведува дека Американците целосно го поддржуваат планот што е на маса. Ова доаѓа по вчерашниот телефонски разговор меѓу грчкиот премиер Алексис Ципрас и американскиот потпретседател Мајк Пенс за преговорите со македонскиот премиер Зоран Заев.

    Според „Катимерини“, основно сценарио за решение на спорот за името е „Република Илинденска Македонија“ без превод. За владата на Ципрас, ваквото име е основа за дискусија која што може да доведе до одржливо решение. Лидерот на опозициската Нова Демократија Кирјакос Мицотакис кажа дека не поддржува „Илинденска Македонија“ со англиски превод и во анализата се вели дека не се знае како ќе реагира ако предлогот дојде на гласање во парламентот. За Панос Каменос, министер за одбрана и коалициски партнер на Ципрас, се смета дека ќе се држи на дистанца, но нема да ја загрози коалицијата.

    Според „Катимерини“, многу е важно како ќе реагира министерот за надворешни работи Никос Коѕијас. Тој повторно ќе се сретне со македонскиот колега Никола Димитров во четврток и петок во Њујорк, а ќе се врати во Атина по 10-дневна серија интензивни контакти во САД, Брисел, Берлин и Париз.

    Ако планот биде усвоен во двата парламента, Македонија ќе добие покана за НАТО на самитот во јули и ќе почне претпристапни преговори со ЕУ, се предвидува во анализата на грчкиот весник.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира