АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ДЕНЕСКА ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ПРИТВОРОТ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ, УТРЕ ЗА ДРУГИТЕ

    АПЕЛАЦИОНИОТ СУД ДЕНЕСКА ЌЕ ОДЛУЧУВА ЗА ПРИТВОРОТ НА ОРЦЕ КАМЧЕВ, УТРЕ ЗА ДРУГИТЕОрце Камчев уште денеска може да биде пуштен дома ако така одлучи Апелациониот суд, а за Сашо Мијалков Основниот суд Скопје 1 уште нема донесено одлука. (Фото: СДК.МК)

    Апелациониот суд во Скопје вчера во 3 часот попладне ги примил предлозите на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) за пуштање од притвор со барање поблага мерка куќен притвор за осомничените во случајот „Империја“, Орце Камчев, Цветан Панделески и уште тројцата соработници Ненад Јосифовиќ, Зорица Арсовска и Тодор Мирчевски, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК претседателката на судот Лидија Димчевска.

    Тие се во притвор во затворот Шутка од 10 ноември. Покрај нив осомничени се уште седум други лица, меѓу кои и поранешниот директор на тајната полиција Сашо Мијалков.

    Мирчевски е директор на контроверзната оф-шор компанија „Ексико“, Панделески е директор на земјоделскиот комбинат „Пелагонија“ и сопственик на „Пелистерка“, Јосифовиќ е соработник на Камчев, а Арсовска е сметководителка во неговите фирми.

    СЈО побарало замена на мерката притвор со куќен притвор и за Миле Јанакиески и Кирил Божиновски за случајот „Титаник“.

    Денеска во 14 часот Апелациониот суд ќе одлучува на јавна седница за притворот на Камчев. Тој веќе понуди 14 милиони и осумсто илјади евра како гаранција дека ако биде пуштен од притвор нема да бега.

    За другите осомничени Апелациониот суд има закажано рочишта утре.

    Што се однесува до Сашо Мијалков, судија на претходна постапка во Основниот суд Скопје 1 сѐ уште не одлучувал по неговата жалба и гаранцијата од еден милион евра, исто така, во случајот „Империја“.

    Сите се уште во затворот во Шутка, потврди за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на затворот Ѓоко Котевски.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира