Атина, 17 март, 2016 – (META) Грчкиот премиер Алексис Ципрас е растргнат меѓу барањето на неговиот коалициски партнер и министер за одбрана, Панос Каменос, да го смени министерот за миграција, Јанис Музалас, поради тоа што во ТВ-интервју нашата држава ја нарече Македонија, наместо Скопје.
Неизвесноста за тоа што ќе се случува во владата се очекува да се реши дури идната недела, односно по враќањето на Ципрас од Брисел, по Самитот за бегалската криза и по враќањето на Каменос од САД, каде заминува викендов.
Неофицијално, и двајцата коалициски партнери тргаат секој на своја страна. Каменос останува на барањето Музалас да замине по секоја цена, а Ципрас на ставот дека се работи за еден од најефикасните министри во владата. Ципрас дополнително е и под голем притисок на министри и на пратеници на СИРИЗА кои го поддржуваат Музалас и бараат да не се дозволи тој да падне како жртва на барање на Каменос.
Поддршка на Музалас му изрази и солунскиот градоначалник, Јанис Бутарис, кој во расправа на солунскиот општински совет истакна дека вакви работи се случуваат и тој многупати наместо БЈРМ или Скопје кажал Македонија. Зад Музалас застана и министерот за труд и социјална политика, Панос Курублис, како и префектот на Атика, Рена Дуру, но и поранешниот премиер Јоргос Папандреу, кој апелираше до Ципрас да го задржи Музалас и да раскрсти со Каменос за да си дозволи нов, демократски почеток како премиер.
Каменос, пак, останува на својот став и доцна по полноќ на „Твитер“ испрати порака дека не го менува својот услов и барање за смена на Музалас. Тој од изутринава имаше состанок со пратеничката група на Независни Грци во грчкиот парламент, за да се донесат заеднички одлуки за тоа како партијата ќе настапи околу идните чекори на Ципрас за Музалас.
Грчките медиуми шпекулираа дека Каменос испратил ултиматум до Ципрас до утринава Музалас да се повлече од министерството или тој си заминува, па потоа дека наводно ултиматумот е повлечен. Имаше дури и гласини и дека веќе почнал да ги пакува своите работи од канцеларијата во министерството за одбрана.
Медиумите почнаа да подготвуваат и сценарија за можно напуштање на владата од страна на Независни Грци.
Ципрас денеска заминува за Брисел да се бори на европски фронт за подобро решение за бегалците, од кои 45.570 се заглавени во Грција без какво била надеж дека наскоро ќе може да заминат кон Западна Европа.