АРМИЈАТА ВО ДЕБАР И ЦЕНТАР ЖУПА, НА ЖИТЕЛИТЕ ИМ Е ЗАБРАНЕТО ДА ГИ НАПУШТАТ ОПШТИНИТЕ

    АРМИЈАТА ВО ДЕБАР И ЦЕНТАР ЖУПА, НА ЖИТЕЛИТЕ ИМ Е ЗАБРАНЕТО ДА ГИ НАПУШТАТ ОПШТИНИТЕОд вчера тимови од Општина Дебар, Дирекцијата за заштита и спасување и локални жители вршат дезинфекција на градот. (Фото: Општина Дебар)

    Армијата ќе им помага на жителите на Дебар и Центар Жупа, откако вчера во овие две општини беше воведена кризна состојба. Претседателот Стево Пендаровски по препораките на Владата, синоќа издаде наредба Армијата да се вклучи во помош на локалната самоуправа, полицијата и Центарот за управување со кризи.

    Кризната состојба во овие две општини е воведена откако денеска 4 нови граѓани кои беа тестирани, се позитивни на вирусот КОВИД-19 и со тоа бројот на заразени од Дебар достигна 11 лица. За да се забави ширењето на вирусот воведена е забрана за влез и излез од Дебар. Пред влезовите на градот поставени се барикади, а полицијата го контролира секој обид за влез и излез.

    Затворен е граничниот премин Џепиште – Требиште и граничниот премин Блато. Со работа престанува и скијачкиот центар „Заре Лазаревски“ во Маврово. Со посебни одобренија ќе се врши дотурот на храна и лекови.

    Од Општина Дебар апелираат граѓаните да не прават залихи бидејќи храна во маркетите ќе има.

    „Ги повикуваме граѓаните да бидат солидарни, да останат во своите домови и да ги почитуваат препораките додека не се стабилизира состојбата. Снабдувањето на маркетите со намирници нема да запре, ќе тече нормално, и нема потреба граѓаните да чуваат резерви на храна дома“, велат од Општина Дебар.

    Вкупниот број на заразени со коронавирус е 12, со оглед на тоа дека првозаболената пациентка е целосно оздравена и ќе биде пуштена дома.

    А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира