БАНКИТЕ ИМ ОТВОРИЈА ПОТСМЕТКИ НА ГРАЃАНИТЕ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ ЗА ДА ЈА ПОДИГНАТ ПОМОШТА ОД 6.000 ДЕНАРИ, ВЕЛИ ВЛАДАТА

    БАНКИТЕ ИМ ОТВОРИЈА ПОТСМЕТКИ НА ГРАЃАНИТЕ СО БЛОКИРАНИ СМЕТКИ ЗА ДА ЈА ПОДИГНАТ ПОМОШТА ОД 6.000 ДЕНАРИ, ВЕЛИ ВЛАДАТАОваа мерка е од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Банките кои имаат техничка можност им отворија потсметки на граѓаните кои имаа блокирани сметки, за да се исплати државната помош од 6 илјади денари, рече денеска владиниот портпарол Душко Арсовски. Еднократната поддршка од 6.000 денари може да се користи во кој било период без рокови и ограничувања. Од Владата велат дека станува збор за околу 300.000 граѓани кои средствата ќе ги добијат на нивната трансакциска сметка.

    На новинарско прашање колку приговори стигнале и дали банките ќе излезат во пресрет на граѓаните кои од технички причини досега не земаа ваква помош, Арсовски рече дека биле обработени 78 илјади приговори, и одговор за прифатени или одбиени ќе добијат сите граѓани на електронската адреса која ја навеле.

    „Владата од банките очекува толеранција во наредните денови додека целосно да заврши исплатата, затоа што се работи за категории граѓани кои се најпогодени од коронакризата. До петокот, во најголем дел од случаите проблемот е решен. Но, има случаи за кои не може да се има решение, на пример луѓе кои добиле ваква помош, а живеат во странство невозможно е да ги ажурираат своите податоци. Многу мал дел од најчесто вакви случи не се затворени, затоа апелираме до банките ако има некој надвор од овие случаи, да има поголема толеранција за тоа да биде завршено до Нова година“, кажа Арсовски.

    Оваа мерка е од четвртиот пакет за финансиска поддршка на ранливи категории граѓани. По 6.000 денари на сметка добиваат граѓаните со низок доход, пензионери кои имаат до 15.000 пензија, корисници на право на социјална сигурност на стари лица, млади лица од 16 до 29 години, самохрани родители, деца без родители и родителска грижа, уметници и други лица кои вршат дејност во културата, филмски работници и естрадни уметници. За оваа мерка која ќе се реализира преку исплаќање на средствата на постоечката трансакциска сметка на граѓаните, испроектирани се вкупно 27,5 милиони евра.

    На страницата www.kupuvamdomasno.gov.mk граѓаните може да проверат дали се на листата со внесување на својот матичен број.

    Б. НЕСТОРОСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира