Министерството за здравство соопшти дека до Министерството за внатрешни работиподнело пријава за насилно однесување против семејството на родилката, по инцидентот на Клиниката за гинекологија и акушерство.
„Категорично ги отфламе информациите пласирани во јавноста дека исчезнало бебе на Клиниката за гинекологија. Ја информираме јавноста дека бебето и мајката се на Клиниката за гинекологија и нивната здравствена состојба е добра“, велат од Министерството за здравство.
МВР соопшти дека денес добиле две пријави за инцидентот на Гинекологија, една од граѓанин во која тврди дека му го нема бебето, и втората од Клиниката против истиот граѓанин за дрско и агресивно однесување.
Таткото на бебето во изјава за ТВ Сител кажа дека на Гинекологија му покажале бебе со погрешно презиме кое било пречкртано, а потоа било напишано презимето од мајката и дека поради тоа се сомнева оти не е неговото бебе.
Директорката на Клиниката за гинекологија и акушерство д-р Викторија Јовановска, кажа дека во петокот веднаш по породувањето со царски рез му било покажано бебето на таткото, а дека кога се случил инцидентот дежурната лекарка ги замолила роднините да се вратат по 16 часот, кога и мајката ќе ја префрлат од интензивна нега на одделение. Јовановска вели дека таткото револтиран што веднаш не му го покажале бебето почнал да вика и да се заканува на персоналот, а поради агресивното однесување било повикано и обезбедувањето од клиниките.
Е. БОЧВАРОСКА