НЕМА ИЗГУБЕНО БЕБЕ, ОД УТРЕ ЌЕ ЗАБРАНИМЕ ПОСЕТА ОТИ РАСТЕ БРОЈОТ НА ГРИПОЗНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈА

    НЕМА ИЗГУБЕНО БЕБЕ, ОД УТРЕ ЌЕ ЗАБРАНИМЕ ПОСЕТА ОТИ РАСТЕ БРОЈОТ НА ГРИПОЗНИ, ВЕЛИ ДИРЕКТОРКАТА НА СКОПСКА ГИНЕКОЛОГИЈАМинистерството за внатрешни работи добило пријава од татко дека му е изгубено бебето на Гинекологија, а Клиниката го пријавила истото лице за дрско и агресивно однесување (Фото:СДК.МК)

    Министерството за внатрешни работи вели дека работи на расчистување на случајот по денешниот инцидент на Клиниката за гинекологија и акушерство, кога татко на новороденче се заканувал на персоналот и агресивно се однесувал откако не му било дозволено да го види бебето, а потоа повикал полиција и тврдел дека бебето му е изгубено.

    „Добивме две пријави, една од граѓанин дека му го нема бебето на Гинекологија, а втората пријава е од Клиниката дека граѓанинот дрско и агресивно се однесувал. Преземаме мерки за расчистување на случајот“, велат од МВР.

    Во изјава за ТВ Сител, таткото на новороденчето тврди дека на Клиниката за гинекологија му покажале бебе со друго презиме, односно другото презиме било шкртнато, а под него било напишано презимето на неговата сопруга. Поради тоа, тој се сомнева дека бебето му е изгубено.

    Д-р Викторија Јовановска, директорка на Клиниката за гинекологија и акушерство, вели дека не станува збор за изгубено или заменето бебе. Таа објаснува дека новороденчето уште вчера му било покажано на таткото, веднаш по породувањето со царскиот рез.

    „Утрово повторно дошол да го види бебето, но дежурната докторка, која е една на 50 бебиња, му кажала да дојде по 16 часот, кога и мајката ќе биде префрлена од одделот за интензивна нега на одделение и дека тогаш ќе му го покажат бебето. Тој бил агресивен и се карал и му се заканувал и на персоналот на приемно, а потоа и горе кај бебињата. Повикано е клиничкото обезбедување да го заштити персоналот“, вели д-р Јовановска.

    Таа вели дека повикале полиција, бидејќи целиот персонал бил вознемирен.

    „На полицијата предочени ѝ се снимките и од надзорните камери и точно ќе се види што се случувало. Притисокот од роднини и родители да ги видат бебињата е огромен и кога ќе им се каже да почекаат не треба да прават неред, бидејќи ионака имаме кусок од кадар, кој на дежурство не знае дали да се грижи за бебињата и родилките или на роднините да им ги покажува бебињата“, вели д-р Јовановска.

    Таа најави дека од утре ќе забранат посета кај бебињата и кај родилките, за да ги заштитат од пренос на вируси и бактерии.

    „Сезона на грип е, и според последните податоци бројот на заболени расте. За да ги заштитиме и бебињата и родилките од тоа некој од надвор да внесе вирус или бактерија ќе забраниме посета“, рече д-р Јовановска.

    Е. БОЧВАРОСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира