БЕЗ ГУЖВИ И СПОРЕД ТЕРМИНИ ПО АЗБУЧЕН РЕД ПОМИНА ПРВИОТ ДЕН ОД УПИСИТЕ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТА

    БЕЗ ГУЖВИ И СПОРЕД ТЕРМИНИ ПО АЗБУЧЕН РЕД ПОМИНА ПРВИОТ ДЕН ОД УПИСИТЕ ВО СРЕДНИТЕ УЧИЛИШТАВо Средното училиште на Град Скопје (СУГС) „Владо Тасевски“ уписот на учениците се вршеше на отворено, односно на фудбалското игралиште, каде беа поставени шатори. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Со протокол за заштита од ширењето на коронавирусот и без гужви и редици, денеска се одвиваше првиот уписен рок во средните училишта. Гужви пред училиштата, но и внатре немаше, бидејќи пријавувањето се вршеше во одредени термини според азбучен ред на учениците. Дозволен влез внатре во училиштето за предавање на документите беше дозволен само на учениците, не и на родителите, со исклучок на ученици кои од оправдани причини се спречени самостојно да го извршат уписот.

    Учениците беа со заштитни маски и ракавици, а професорите кои ги примаа пријавите во холовите беа со визири. Во секое училиште имаше редари кои го регулираа влегувањето на децата.

    „Со оглед на пандемијата со КОВИД – 19 и потребата од воспоставување на безбеден начин на вршење упис, средните училишта на град Скопје ќе вршат упис на ученици по азбучен ред, однапред распределени по временски термини. Утврдените временски термини се поставени на нивните веб страни од каде точно може да се добијат информации за во колку дена и кои термини ќе се одвива.  Учениците треба да имаат претходно пополнета пријава која е електронски достапна како и претходно подготвена целосна документација со цел што пократко задржување во училиштето“, велат од Град Скопје.

    Во Средното училиште на Град Скопје (СУГС) „Владо Тасевски“ уписот на учениците се вршеше на отворено, односно на фудбалското игралиште, каде беа поставени шатори.

    „Уписот на учениците во учебната 2020/2021 година во нашето училиште, по добиените препораки од Министерството за образование, го вршиме на отворено. На новоизграденото фудбалско игралиште имаме поставено 6 пунктови, одбележани за секој образовен профил и со потребното растојание од 2 метри.
    Приемот на документите за упис се врши согласно дадениот распоред, по азбучен ред и во определен термин.
    Вработените во училиштето како и учениците кои се запишуваат во училиштето задолжително носат заштитна опрема“, вели Александар Сибиновски, директорот на „Владо Тасевски“.

    Учениците беа со заштитни маски и ракавици, а професорите кои ги примаа пријавите во холовите со визири. Во секое училиште имаше редари кои го регулираа влегувањето на децата. (Фото: Ѓ. Личовски)

    Сибиновски вели дека до моментов се задоволни од бројот на учениците кои поднеле документи за запишување во училиштето. Споредено со минатата година, процентот на ученици кои поднеле документи за упис во училиштето, до овој момент е поголем, односно расте интересот за стручното образование.

    Првото пријавување за запишување на ученици во прва година во средните училишта ќе трае од денес до петок од 7 до 19 часот. Уписите продолжуваат во второто и третото пријавување од уписниот рок на 24, 25 и 29 јуни.

    Оваа генерација на ученици кои се запишуваат е прва генерација која не полагаше државна матура.  Владата на 10 март донесе одлука да се затворат сите воспитно-образовни институции, учениците имаа е-настава, а министерот за образование Арбер Адеми на 30 мај објави дека се укинува државната матура. Тој рече дека сите ученици ќе добијат диплома, која ќе има важност како и дипломите што се доделуваа досега.

     А. АНТЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира