БОКИ 13 Е ИНТЕРЕСНА ФИГУРИЦА, ШИЕВ И ТЕМНИ КОШУЛИ ЗА НЕГО, А СО КАТИЦА СУМ СКАРАН, СВЕДОЧЕШЕ ТОМЕ ГЛАВЧЕВ, ГАЗДАТА НА „НОЕЛ“ ОД ГЕВГЕЛИЈА

    БОКИ 13 Е ИНТЕРЕСНА ФИГУРИЦА, ШИЕВ И ТЕМНИ КОШУЛИ ЗА НЕГО, А СО КАТИЦА СУМ СКАРАН, СВЕДОЧЕШЕ ТОМЕ ГЛАВЧЕВ, ГАЗДАТА НА „НОЕЛ“ ОД ГЕВГЕЛИЈАНа прашање на адвокатот на Јовановски, Главчев потврди дека контактирал и разговарал со Боки 13, но никогаш тој не му спомнал за „Поштенска банка“. - Првообвинетиот Боки 13 на претходното рочиште за „Рекет“ (Фото: К. Попов)

    Томе Главчев, газда на „Ноел“ конфекцијата од Гевгелија, пред да почне да сведочи денес на судењето за „Рекет“, на прашање од судијата Васка Николовска Масевска, кажа дека само со Катица Јанева е скаран од обвинетите. Судот не го дозволи прашањето зошто бил скаран со поранешната специјална обвинителка.

    Во декември 2017 година дознал дека е осомничен во предистражна постапка. Кога отишол во СЈО, му кажале дека е сведок. Неколку пати бил повикан во СЈО.

    „Тоа во СЈО беше изживување врз мене. Трауматично е за мене, не би можел да зборувам“, прекина Главчев.

    „На 19 јуни 2018 година бев повикан во СЈО за да ми кажат дека сум осомничен и да дадам изјава, сега како осомничен. Но, останав до денеска само на изјавата како сведок, што ја имав дадено претходно пред обвинителот Бурим Рустеми“, рече Главчев.

    Адвокатот ме советуваше да не давам изјава, зашто се сомневаше во законската надлежност на СЈО врз „Поштенска банка“, а и дека се работи за суета на обвинителката Катица Јанева.

    Следувал претрес во 5 часот наутро во домот во Гевгелија. Шетале луѓе со автоматски пушки кај него дома. Тука Главчев се расплака.

    Раскажуваше потоа и за кај судија на претходна постапка кога бил изведен. Во тие милион, како што рече Главчев докази против него, видел некое грешно бројче по кое предметот бил преземен од редовното обвинителство.

    Потоа Главчев беше оставен да си даде одбрана за „Поштенска банка“, како што претходно Орце Камчев ја искористи можноста преку сведочењето за „Рекет“, да си даде за Империја.

    На прашање на обвинителната Вилма Русковска, Главчев потврди дека се рекламирал во „1ТВ“ на Боки 13. Кога имало обид за негово притворање од страна на СЈО, цената за рекламирањето на „Ноел“ во „1ТВ“, скокнала на 100.000 евра.

    На прашање на адвокатот на Јовановски, Главчев потврди дека контактирал и разговарал со Боки 13, но никогаш тој не му спомнал за „Поштенска банка“.

    „Сум контактирал, Боки 13 е интересна фигурица. Има познавања за повеќе области, но сме разговарале најмногу за дизајнот на кошулите. Му имам изработено неколку темни кошули. Јас го имам прашано за истрагата против мене, не тој мене. Ми кажа дека има чуено, но не треба да се грижам“, сведочеше Главчев.

    Судењето продолжува на трети јануари, кога е повикана да сведочи само обвинителката од СЈО Елизабета Јосифовска, една од заменичките на Јанева, додека беше специјална обвинителка.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира