БОКИ 13 ОД БОЛНИЦА ВРАТЕН ВО ШУТКА, НЕ МУ Е КОНСТАТИРАНО ПОСЕРИОЗНО НАРУШУВАЊЕ НА ЗДРАВЈЕТО

    БОКИ 13 ОД БОЛНИЦА ВРАТЕН ВО ШУТКА, НЕ МУ Е КОНСТАТИРАНО ПОСЕРИОЗНО НАРУШУВАЊЕ НА ЗДРАВЈЕТО„По направените анализи врз пациентот, во кои не се констатирани посериозни нарушувања на здравјето, тој е пуштен од болницата“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на „8 Септември“ д-р Христијан Костов; - Боки 13 беше однесен со Брза помош од Обвинителството за организиран криминал и корупција, пред да даде исказ кај Вилма Русковска за „Рекет“. (Фото: Ј. Пауноски ТВ21)

    Првоосмничениот во „Рекет“ Бојан Јовановски-Боки 13 е вратен назад во притвор во затворот во Шутка, по 4 часа минати во болницата „8 Септември“ откако му се слоши пред да даде исказ кај обвинителката Вилма Русковска.

    „По направените анализи врз пациентот, во кои не се констатирани посериозни нарушувања на здравјето, тој е пуштен од болницата“, изјави за САКАМДАКАЖАМ.МК директорот на „8 Септември“ д-р Христијан Костов.

    Откако Боки 13 беше однесен со Брза помош од Обвинителството за организиран криминал и корупција, неговиот адвокат Сашо Дуковски рече дека тој не почнал да дава исказ, туку повраќал во тоалетот и дека тоа е истото што му се случува последните 40-50 дена додека е во притвор.

    Денеска беше крајниот рок за давање исказ на Боки 13 за оваа истрага, по што ќе следува обвинение. Нема информации дали рокот за него ќе се продолжи.

    По разгледувањето на жалбата за продолжувањето на притворот, Апелациониот суд на 4 октомври одлучи дека сè уште постои опасност Боки 13 да побегне, како и да го повтори делото и затоа му ја одби жалбата.

    Во притвор во затворот во Шутка за „Рекет“ е и поранешната специјална обвинителка Катица Јанева, додека осомничениот Зоран Милески-Кичеец беше пуштен во домашен притвор.

    Јанева одлучила да не даде исказ пред обвинителката Вилма Русковска во истрагата за „Рекет“, изјави денеска нејзината адвокатка Ирена Фрчкоска. Таа сè уште се мисли дали да понуди спогодба со Обвинителството за организиран криминал, со која би ја признала вината дека за паричен и материјален надомест се обидела да го спаси осомничениот во „Империја“ Орце Камчев.

    С. К. ДЕЛЕВСКА

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира

    Коментари