БУГАРИЈА Е ЧЛЕНКА НА ЕУ И НЕПРИФАТЛИВО Е ДА НЀ УЦЕНУВА ЗА ГАСОТ, ВЕЛИ БЕКТЕШИ

    БУГАРИЈА Е ЧЛЕНКА НА ЕУ И НЕПРИФАТЛИВО Е ДА НЀ УЦЕНУВА ЗА ГАСОТ, ВЕЛИ БЕКТЕШИДоколку Бугарија не ослободи капацитети за гас, Македонија ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата, најави Бектеши. (Фото: СДК.МК)

    Министерот за економија Крешник Бектеши вели дека нема да прифати никаква уцена од никоја држава  во делот на снабдување и загрозување на енергетската безбедност на државата, зборувајќи за потегот на Бугарија да воведе такса за транспорт на руски гас низ бугарски гасовод.

    Бугарија, во случајот на Македонија, го има дадено целиот капацитет на гасоводот под закуп на „Газпром“ до 2030 година и Бектеши вели дека Македонија бара веднаш да се ослободи капацитет и да имаме можност и ние да бидеме снабдувани и од други извори за потребите што ги имаме, вклучително од Азербејџан или ЛНГ терминалите.

    Доколку не се ослободат капацитетитe, Македонија ќе бара отштета од Бугарија и дополнителна поддршка од Европската Унија за воведувањето на таксата, најави Бектеши.

    „Да уцениш држава е неприфатливо и е спротивно на начелата на работа на Европската Унија, а Бугарија е членка на ЕУ и веднаш треба да ги укине таксите, не само кон нашата држава, туку и генерално бидејќи се неприфатливи во ЕУ. Ни кажаа дека ќе направат напори да ги ослободат капацитетите и ја очекуваме нивната одлука. Во случај да не ги ослободат капацитетите, ќе ги користиме моменталните капацитети што ги имаме и ќе бараме дополнителни отштети од Бугарија и Европската унија, бидејќи  бараме само ослободување на капацитетите и не се мешаме во нивната фискална политика за воведување на дополнителни такси. Одлуката на Бугарија е нивна внатрешна одлука, но треба да се има предвид и јасно и отворено да им се каже дека ако носат такви одлуки треба да носат и други одлуки со кои ќе се ослободат капацитетите за државите да имаат простор да се снабдуваат од други извори како што е случајот со Македонија“, кажа Бектеши, одговарајќи на новинарско прашање на бизнис настан во Скопје.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира