БУГАРИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ШТО ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПРИМИ МАКЕДОНЦИТЕ ОД ОМО „ИЛИНДЕН“ КОИ ТАА НЕ ГИ ПРИЗНАВА

    БУГАРИЈА Е ЗАГРИЖЕНА ШТО ПЕНДАРОВСКИ ГИ ПРИМИ МАКЕДОНЦИТЕ ОД ОМО „ИЛИНДЕН“ КОИ ТАА НЕ ГИ ПРИЗНАВАПендаровски на Македонците од Бугарија вчера им укажал дека со нејзиниот претседател ќе зборува за македонското малцинство, негирано во соседната земја. (Фото: Претседател на РСМ)

    Бугарското Министерството за надворешни работи (МНР) е загрижено што македонскиот претседател Стево Пендаровски вчера за првпат прими делегација од претставници на ОМО „Илинден“, организација на македонското малцинство во Бугарија кое соседната земја не го признава.

    ОМО „Илинден“ е само една од организациите и здруженијата на македонското малцинство во Бугарија, но е најбројна, најактивна во поднесување тужби пред Европскиот суд за човекови слободи и права против неа и редовен победник во споровите. Од вкупно 16 добиени пресуди за кршење на правото на слободно здружување на Македонците во Бугарија, 11 се на ОМО „Илинден Пирин“. Првата пресуда оваа организација ја добила пред Стразбур во 2001 година. Бугарија до денеска не ги спроведе ниту неа, ниту последвателните 10 добиени пресуди .

    Бугарското МНР вели дека средбата на Пендаровски значи „зголемување на јавната тензија“ оти тој се обидува да „да ги обнови прашањата во конфликт со Договорот за пријателство, добрососедство и соработката од 2017“.

    „Министерството за надворешни работи изразува загриженост за последните случувања во Република Северна Македонија, поврзани со постапки на функционери кои создаваат негативни ставови во јавноста и кои се во спротивност со позитивната клима создадена од активните напори на владите на Бугарија и Северна Македонија. Денови по успешната заедничка средба на владите на двете земји, повторно сме сведоци на зголемување на јавната тензија предизвикана од конкретни постапки на претседателот на Северна Македонија, кој се обидува да ги обнови прашањата во конфликт со Договорот за пријателство, добрососедство и соработката од 2017. Ваквите акции не придонесуваат за изнаоѓање решенија за политички прашања во насока на забрзување на процесот на европска интеграција на Северна Македонија. Ги повикуваме одговорните фактори во нашата соседна земја да покажат политичка зрелост и да дадат конструктивен придонес во тековниот процес на враќање на меѓусебната доверба“, се вели во соопштението на бугарското МНР.

    Вчера, Пендаровски на Македонците од Бугарија откако ги сослушал, им укажал дека почнуваат поинакви односи со Бугарија, но дека со нејзиниот претседател сепак ќе зборува за македонското малцинство, негирано во соседната земја.

    „Претставниците на здруженијата го информираа претседателот Пендаровски за нивната работа и активности во областа на човековите права, промовирање на толеранција и градење на граѓанско општество. Во однос на дијалогот со Бугарија, претседателот Пендаровски оцени дека почнува нова фаза, а двете страни искажуваат волја во насока на напредок на процесот. Претседателот Пендаровски смета дека е значајно секоја политичка институција во двете држави да даде свој придонес за решавање на отворените прашања. На средбата претседателот Пендаровски информираше дека наскоро ќе оствари официјална посета на Република Бугарија, каде ќе има разговори со претседателот Румен Радев“, соопшти кабинетот на Пендаровски.

    Претседателот Пендаровски на средбата вчера истакнал дека Македонија е насочена кон развивање на добрососедски и пријателски односи со Република Бугарија, во духот на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу двете држави од 2017 година.

    Бугарскиот премиер Кирил Петков, зборувајќи вчера во бугарскиот парламент за средбите со македонски премиер Димитар Ковачевски, уште еднаш повтори дека не постои македонско малцинство во Бугарија и нема да дозволи на таа тема да се разговара, Според него, ОМО „Илинден“ е провокација кон новиот премиер Ковачевски.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови и фотографии) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира