БУГАРИЈА И ЕУ ТРЕБА ДА ЗНААТ ДЕКА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ СТАВЕН НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА, МУ КАЖА ЗАЕВ НА ВАРХЕЈИ

    БУГАРИЈА И ЕУ ТРЕБА ДА ЗНААТ ДЕКА МАКЕДОНСКИОТ ИДЕНТИТЕТ НЕ МОЖЕ ДА БИДЕ СТАВЕН НА ПРЕГОВАРАЧКАТА МАСА, МУ КАЖА ЗАЕВ НА ВАРХЕЈИЕврокомесарот Вархеји минатата недела кажа дека Албанија може да ги почне пристапните преговори пред Македонија ако не се реши спорот со Бугарија.(Фото: Влада на РСМ)

    Колегите во Бугарија и сите во Европската унија треба да знаат дека секој обид македонскиот идентитен да биде ставен на преговарачка маса ќе бидат одбиен, му кажа премиерот Зоран Заев на еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји на средбата во Брисел. Како што соопшти Владата, Заев на средбата со Вархеји кажал дека техничката влада во Бугарија може да е можност за скорешно решение, но очекува и другата страна да биде охрабрена за отвореност, подготвеност и посветеност кон решение.

    „Ние сме подготвени за разговори, веруваме дека треба да имаме уште еден обид во периодот што доаѓа, но треба да знаат и колегите во Бугарија и сите во Европска Унија дека за нашиот идентитет нема ниту да разговараме, ниту да преговараме и дека сите обиди тој да се става на преговарачка маса ќе бидат одбиени од македонска страна“, рекол Заев на средбата со Вархеји.

    Еврокомесарот Вархеји, како што соопшти од Владата, на средбата кажал дека неговата цел, како и целта на Европската комисија е за време на актуелното португалско претседавање со ЕУ да се прифати преговарачката рамка за Северна Македонија и да се одржи првата меѓувладина конференција за старт на преговорите за членство на земјата во ЕУ. Вархеји му кажал на Заев дека Северна Македонија е приоритет број еден и дека Брисел ги вложува сите напори и ги поддржува сите идеи за решенија со цел да одблокира овој процес.

    Северна Македонија има чиста препорака за почеток на пристапните преговори од Европската комисија, но конечната одлука ја носи Европскиот совет, каде што Бугарија стави вето.

    Еврокомесарот Вархеји минатата недела при посетата на Скопје кажа дека Албанија може да ги почне пристапните преговори пред Македонија ако не се реши спорот со Бугарија. Истиот став на Вархеји го потврди и портпаролката на Европската комисија за проширување Ана Писонеро.

    Веднаш потоа, Германија и Словачка излегоа со став дека Македонија и Албанија во јуни треба заедно да ги почнат пристапните преговори за влез во ЕУ.

    „Германија ја поддржува целта на португалското претседателство со ЕУ да се одржи првата меѓувладина конференција заедно со Албанија и Северна Македонија во јуни. Обете земји ги испорачаа бараните реформи – сега треба и ЕУ да испорача. Натамошното одложување ги загрозува кредибилитетот на ЕУ и стабилноста на регионот“, рече германскиот министер за Европа Михаел Рот.

    Словачкиот министер за надворешни работи Иван Корчок рече дека сега кредибилноста на политиката за проширување на ЕУ зависи од тоа да се тргне ветото за Македонија што го стави Бугарија.

    „Кредибилна политика за проширување на ЕУ сега значи отфрлање на ветото во Советот, кој треба да го признае напредокот на Северна Македонија и Албанија. Обете земји одамна требаше да ги почнат меѓувладините конференции“, смета Корчок.

    По изјавата на Вархеји, како што пишува австриски „Стандард“, високи функционери од ЕУ сметаат дека ставот на унгарскиот еврокомесар за одвојување на Македонија и Албанија е несфатлив и дека земјава ги исполнила сите услови за да ги почне пристапните преговори.

    А. АНТЕВСКА

    ЧИТАЊЕТО Е БЕСПЛАТНО.

    АМА НОВИНАРСТВОТО НЕ Е.

    Поддржете го слободното, независно, професионално новинарство. Новинарство со интегритет.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира