Шведска е разочарана што Македонија сè уште не ги почнала преговорите со Европската Унија (ЕУ), зашто земјата ги исполни предусловите за почеток на преговорите уште лани во март, така што ЕУ има свои обврски кон неа и треба да ги заврши, рече шведската министерка за надворешни работи Ан Линде денеска во Скопје на прес-конференцијата со министерот Бујар Османи. Таа потенцира дека Бугарија не треба да го блокира влезот на Макеоднија во ЕУ со билатерални прашања.
„Истакнувам во моите состаноци со министрите за надворешни работи во ЕУ, дека Бугарија не треба да го блокира патот на вашата земја. Билатерално прашање не треба да биде предуслов за почеток на преговорите. Мислам дека е ова ставот на сите министри за надворешни работи, освен министерот за надворешни работи на Бугарија. Реформите се спроведуваат не само поради зачленувањето во ЕУ, туку и за граѓаните на вашата земја. Не би требало да бидат граѓаните обесхрабрени, иако има причина за да бидат разочарани“, рече Линде.
Османи кажа дека евроинтегрирањето на Македонија е интерес и на ЕУ, која не целосна без Западен Балкан оти така се отвора и можност за дестабилизација. Тој кажа и дека со Бугарија е отворен дијалог и дека основа на тој дијалог е португалскиот предлог.
„Мислам дека и покрај очекувањата оти со техничката Влада на Бугарија ќе се влошат односите, јас го очекувам обратното. Направивме добра основа, етаблиран е отворен дијалог, особено со последната посета во Софија, јас се надевам дека Бугарија ќе ги искористи овие последни денови за да рефлектира за овој навистина искрен пристап за разликите кои не делат и за сличностите кои не зближуваат, но ние немаме друг избор туку штафетата после 20 години да се даде на Словенија и да продолжиме по овој пат“, рече Османи.
Османи кажа и дека е точно оти Бугарија не е спремна да даде зелено светло за преговарачката рамка и за првата меѓувладина конференција на Македонија со ЕУ, но сигналите од Луксембург каде денеска е состанокот на Советот за општи работи се дека 26 земји-членки се противат на бугарската позиција.
„Со тоа демонстрираат дека Бугарија не прави блокада само на Македонија, туку и на целата ЕУ“, рече Османи, кој смета дека сè уште постојат теоретски шанси да се предомисли Бугарија до Самитот на Советот на ЕУ на 24 и на 25 јуни.