БУГАРИЈА НЕМА ДА ОТСТАПИ НИ САНТИМЕТАР ОД ДОГОВОРОТ ОД 2022, ЗА МАКЕДОНИЈА НЕМА ПЛАН „Б“, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ГЕОРГИЕВ

    БУГАРИЈА НЕМА ДА ОТСТАПИ НИ САНТИМЕТАР ОД ДОГОВОРОТ ОД 2022, ЗА МАКЕДОНИЈА НЕМА ПЛАН „Б“, РЕЧЕ МИНИСТЕРОТ ЗА НАДВОРЕШНИ РАБОТИ ГЕОРГИЕВГеоргиев рече дека Бугарија ќе се придржува кон Договорот за добрососедство од 2022 и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него. (Фото: Фејсбук)

    Бугарскиот министер за надворешни работи, Георг Георгиев, денеска рече дека за Македонија нема план „Б“ на патот кон ЕУ, туку е во исполнувањето на одредбите од преговарачката рамка. Георгиев по седницата на бугарското Собрание, кога се усвои новата резолуција за спорот со Македонија, не спомена нови услови како во една негова преходна изјава, туку рече дека Бугарија ќе се придржува кон Договорот за добрососедство од 2022 и нема да отстапи ниту еден сантиметар од него и од исполнувањето на обврските при преговорите за кластерите.

    „Не само во последните денови, туку генерално, политиката на Бугарија во врска со европската интеграција на Западен Балкан, а особено на нашиот сосед Република Северна Македонија, е целосно стабилна и цврста. Бугарија нема билатерално прашање. Ако Скопјe има нешто што треба да го изрази како барање, тоа е пред Брисел и сите земји-членки на ЕУ“, рече Георгиев.

    На прашањето дали Бугарија веднаш би ставила вето ако случајно разговорите на премиерот Христијан Мицкоски со европските партнери доведат до почеток на преговорите за пристапување на Македонија во ЕУ пред да има промена во Уставот, тој одговори дека од сите разговори што ги водел досега, нема план „Б“.

    „Планот е еден – промена на Уставот, исполнување на критериумите на кластерот, за да може процесот да продолжи напред. Ова го рече австрискиот колега – користење на комплетот алатки за разговори, но исполнување на критериумите, промена на Уставот, сè што е утврдено во консензусот од 2022 година“, рече Георгиев.

    Премиерот Христијан Мицкоски на темата уставни измени вчера во Собранито рече дека „додека нема Македонци во бугарскиот Комитет за малцинствата, нема поместување ни милиметар од нашите позиции“. Тој рече „предизвикот со промена на Уставот за вклучување на дел од нашите сограѓани кои за себе велат дека се припадници на бугарската заедница, за да можеме да ја одржиме Втората меѓувладина конференција го прифатила претходната влада со прифаќање на Францускиот предлог и ова е факт, а на сегашната влада и преостанува да прави стратегија како да се надмине тоа без да се дозволат нови барања“.

    „Во Бугарија има Комитет во кој членуваат претставници на малцинствата Роми, Турци и Ерменци, а зарем ние Македонците кои имаме 14 пресуди во Судот за човекови права во Стразбур, не заслуживме место во тој комитет, а тие заслужија место во нашата Преамбула. Додека не видам таму Македонец кој е дел од тој комитет, а за тоа треба сите да работиме, нема ни милиметар да мрднам додека сум премиер на оваа влада“, изјави премиерот Мицкоски.

    Бугарскиот министер за надворешни работи денеска ги повика сите што сакаат да бидат дел од европскиот систем на вредности, одлуки и институции да се придржуваат кон европските правила.

    „Нема шанси да бидете во ЕУ ако не сакате да се однесувате како Европеец. Фактот дека Бугарија го знае значењето на зборот ‘дипломатија’ и не станува хистерична во секоја прилика не значи дека не е активна, туку напротив. Но, добро сте свесни дека бугарската страна нема да се изложи на тоа што шета наоколу и лобира нерегулирано во институции каде што ова не треба да се прави, бидејќи мислам дека ова е дискредитација токму за оној што речиси го признава тоа и го забележуваме ова во последните три дена“, рече Георгиев и беше категоричен дека Бугарија нема да се повлече од договорите и ќе го почитува европското право.

    Георгиев е категоричен дека Бугарија нема да престане да повторува дека усогласеноста со европските барања е она што е потребно за да се постигне напредок и дека критериумите за членство утврдени во консензусот од 2022 година меѓу ЕУ и сите нејзини земји-членки од една страна и Македонија од друга мора да бидат исполнети за земјава да продолжи напред во процесот на европска интеграција.

    Симнете ја мобилната апликација

    ©SDK.MK Крадењето авторски текстови е казниво со закон. Преземањето на авторски содржини (текстови) од оваа страница е дозволено само делумно и со ставање хиперлинк до содржината што се цитира